Родителите на загинатите реагираат на предупредувањето на Шилегов дека „Пулс“ може да падне како и други предмети

Бранителот на поранешниот советник во Министерството за економија, Шофкет Хазари, кој е обвинет во предметот
судскиот процес за „Пулс“, адвокатот Петре Шилегов, на почетокот на денешното рочиште повика Јавното обвинителство да земе предвид две неодамнешни одлуки на Врховниот суд, во кои, како што рече, недокажувањето на причинско-последичните врски меѓу обвинетите било причина за укинување на пресудите.
„И по 6-7 години од сега, да не се случи и во овој предмет истото, да не се трошат ресурси залудно“,
изјави Шилегов.
Родителите на загинатите во изјава за медиумите на пауза од денешното рочиште реагираа на барањето на Шилегов.
„Адвокатот Петре Шилегов повторно бара Јавното обвинителство да го преиспита кривичноправниот настан повикувајќи се на други предмети. Но, не може да се ставаат во ист кош 13-годишно незаконско работење на ’Пулс’ со друго обвинение. Тоа се разни случаи и разни основи на одговорност“,
рече родителот Александар Наунов.
Тој нагласи дека родителите многу добро знаат зошто обвинетите денес седат на обвинителната клупа.
„Кој требаше да ја гарантира безбедноста на граѓаните и законското работење ако не надлежните институции? Тогаш зошто постојат Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и другите контролни органи? Кој бил должен да ги контролира безбедносните планови, елаборатите, минимално техничките услови и лиценците? Токму незаконското постапување и непостапувањето што им се ставаат на товар на обвинетите, според обвинението, придонеле за загрозување човечки животи и за трагичните последици“,изјави Наунов.
Судењето продолжи со сослушување на Османли Јоргов, техничко лице, кое ги изготвило вештиот наод и мислењето на барање на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци проект“.
Наунов се осврна и на изнесеното од вештакот на „Венци проект“ и додаде дека се отвора прашањето за проектна документација која, според изнесеното во судницата, била изработена пред реконструкцијата на „Пулс“.
„Кој ја проверил и одобрил таа документација? Дали биле испочитувани законските постапки и како било дозволено нејзиното користење? Документацијата не смее да биде параван за прикривање незаконитости ниту оправдување за институционалните пропусти. Ако надлежните навреме постапеле и го затвореле објектот, ’Пулс’ немало да работи на 16 март 2025 година! А цената за тие пропусти ја плативме ние, родителите, со најсветото што го имавме – нашите деца“,
додаде Наунов.
Случајот се наоѓа во доказна постапка со изведување докази на одбраната, која има најавено повеќе од 240 сведоци.
Процесот почна на 19 ноември 2025 година, кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 физички и три правни лица. Во меѓувреме еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, почина.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, што претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.






