Под истрага поранешен американски генерал поради наводно протекување информации за Украина и Иран

Поранешен висок американски воен функционер е под федерална истрага поради сомневања дека на новинари им откривал доверливи информации за Украина и Иран, објави денеска порталот „Аксиос“.
Поранешниот генерал-потполковник на американската армија Брет Силвија, кој ја извршуваше функцијата главен воен планер во Пентагон, се соочува со можност за воен судски процес, откако минатата недела беше разрешен од министерот за одбрана Пит Хегсет во рамки на акцијата на администрацијата против неовластеното откривање доверливи информации.
Според интерниот извештај на Пентагон, на кој се повикува Аксиос, Силвија наводно паднал на четири полиграфски тестови и ги признал инцидентите за време на две снимени интервјуа кои траеле повеќе од два часа. Истражителите утврдиле дека тој споделувал чувствителни информации со Мајкл Гордон, новинар на „Волстрит џурнал“, вклучително и детали за американската воена помош за Украина, залихите на муниција и разговорите на високо ниво поврзани со Иран. Притоа, тој користел белешки направени при разгледување доверлив документ за да го информира Гордон, иако немал овластување да ја открива неговата содржина.
Силвија, исто така, наводно ја избришал целата преписка со Гордон на апликацијата за шифрирана комуникација „Сигнал“, вклучувајќи ги пораките и повиците зачувани на неговиот личен телефон, откако добил порака за која верувал дека се однесува на Иран. Покрај тоа, во извештајот се наведува дека Силвија имал и најмалку еден неовластен разговор со Грег Џафе, новинар на „Њујорк тајмс“, во врска со отстранувањето на високи воени функционери од страна на Хегсет.
Повикувајќи се на извор од Белата куќа, „Аксиос“ објави дека разрешувањето на Силвија е само почеток на процесот за утврдување одговорност, нагласувајќи дека претседателот Доналд Трамп нема толеранција за оние што оддаваат доверливи информации. ссм/






