Во притвор заврши екс турска министерка поради афера вредна милиони долари
Турски суд одреди притвор за поранешната министерка и висока функционерка на владејачката АК партија, Фатма Бетуел Сајан Каја.

Одлуката е донесена во рамките на истрагата за финансиската криза што ги погоди инвестициските фондови во земјата, пренесува Ројтерс.
Фатма Бетуел Сајан Каја ја напушти партијата откако во септември поднесе оставка од функцијата потпретседател. Еден опозициски политичар ја обвини дека остварила огромен профит од акции, непосредно пред кризата да предизвика масовна распродажба на берзата.Суд во Истанбул одреди притвор за Каја, која во периодот од 2016 до 2018 година ја извршуваше функцијата министерка за семејство и социјална политика.
Според информации од агенцијата Анадолија, таа се товари за „кршење на законот за пазар на капитал“ и „членство во организација формирана со цел вршење кривични дела.
Одлуката за притвор уследи по истрагата спроведена од одделот за истражување перење пари при главното обвинителство во Истанбул. Нејзиниот сопруг, Илјас Каја, е пуштен на слобода, но му се изречени мерки на претпазливост, вклучително и забрана за напуштање на земјата, во рамките на истата истрага.
Обвинителството тврди дека Каја поседувала повластени информации што можеле да влијаат врз цената или вредноста на финансиските инструменти на пазарот на капитал. Официјални извори, како што пренесува Анадолија, додаваат дека таа била во контакт со Емре Тезмен, поранешен директор на една од компаниите за управување со имот што се наоѓаат во центарот на скандалот.
Во септември, портпарол на главната опозициска партија изнесе обвинувања дека брачната двојка Каја заработила околу 2,17 милијарди лири (38,64 милиони евра) преку продажба на инвестиции во вкупна вредност од 163 милиони лири (2,9 милиони евра).
Поголемиот дел од овие инвестиции се однесувале на акции во бродоградилиштето „Озата Денизчилик“ (Ozata Denizcilik), купени во април оваа година.
Вредноста на акциите на „Озата Денизчилик“ на почетокот на април изнесувала околу 220 лири. До 15 септември, непосредно пред нарушувањата во секторот на инвестициски фондови, нивната цена пораснала на 4.980 лири. Сомнежот за манипулација со цените на акциите со кои ретко се тргува предизвика криза на ликвидноста, што на 16 септември доведе до остар пад на вредноста на акциите на берзата






