Гувернерот Славески вели дека го консултирал премиерот Мицкоски за влезот на Алта банка во земјава


Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, попладнево на прес-конференција рече дека за влезот на Алта банка во земјава се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски. Во одговор на новинарско прашање – со кого од Владата се консултирал во врска со ова прашање, откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека не била консултирана од него за влезот на Алта банка на македонскиот пазар, Славески денеска одговори:

„Со премиерот секако, затоа што и вие самите знаете дека банкарскиот сектор како стратешка гранка е или треба да е, на некој начин, да има задоволени услови од онаа, да речеме, политичка сензитивност“.

Трајко Славески, гувернер на Народната банка / Фото: Архива
Димитриеска-Кочоска негира дека гувернерот Славески ја консултирал за влезот на Алта банка во земјава
На прашањето дали Народната банка ја разгледува можноста за отпочнување стечајна постапка за Алта банка, откако тоа како едно од две можни сценарија вчера го најави премиерот Мицкоски, гувернерот рече дека се размислува и за екстремните сценарија, кои, како што вели, никој не ги посакува.

„И премиерот и банките кои не се директно засегнати и другите финансиски институции, сите ние знаеме дека од оваа наметната состојба, ова е најдобрата опција. Најдобрата опција е ова што го правиме – заштита на имотот и штедните влогови на граѓаните и продажба на банката. Секако, размислуваме и во алтернативи за оние екстремни сценарија. Премиерот објасни што во такво сценарио, кое никој од нас не го посакува“,

рече Славески.
Мицкоски: СДСМ прави хистерија и ги одвраќа потенцијалните купувачи на Алта банка, другото сценарио е банката да оди во стечај
На прашањето – кое според него е најреалното сценарио – стечај или продажба на банката, гувернерот рече дека, како што и беше најавено, веќе се бара купувач за банката. Засега, посочи Славески, има шест заинтересирани инвеститори, но не откри дали сите се банки или станува збор за други финансиски институции. Рече дека Народната банка е проактивна кога се работи за контактите со потенцијални инвеститори.

„Има субјекти што сами се јавуваат, а секако и ние сме проактивни. Така што, ќе видиме кои се интересите бидејќи станува збор за навистина здрава и банка чија продажна вредност, дури и за средни банки, не претставува финансиски предизвик. Но, ние не можеме да зборуваме во името на заинтересирани инвеститори“,
додаде гувернерот на Народната банка.

Back to top button
Close