ВИДЕО | „За смртта на Билјана се виновни и наставниците кои знаеја низ што поминува, но не пријавија“, вели девојка од Богданци

На денешниот протест против фемицидот и насилството врз жените, во потресна изјава, жителка на Богданци кажа дека ѝ е срам што е жителка на тој град и ги обвини наставниците на Билјана Кириќ дека знаеле низ што поминува девојчето, но не пријавиле и не го истражиле случајот.

-Мене ми е срам да кажам дека сум дел од оваа држава, а уште повеќе ми е срам да кажам дека сум жителка на Богданци затоа што Билјана не е прва жртва на насилство во тоа место, ама моментално има голем број возрасни луѓе кои што се заслужни за нејзиното убиство, не само момчето кое што ја уби. Како прво, заслужни се сите возрасни кои се дел од нејзиното опкружување – нејзините наставници кои знаеле за оваа ситуација и не пријавиле. Девојчето со недели не одело на училиште и никој не го истражил тоа- вели таа.

Девојката ја обвини и полицијата, која, како што вели, исто така знаела за насилникот кој бил повеќе пати пријавуван, но откако бил уапсен таа вели дека кратко потоа повторно бил пуштен на слобода.

-Насилството било пријавувано во полиција неколку пати, еднаш пред месец дена пред девојчето да биде убиено. Мојот брат и неговите другари ја бранеле од него додека да дојде полицијата за после да го пуштат од полиција одма и потоа да ја убие. Богданци е многу мало место и сите се познаваат и не е можно да познаваш дека некој е насилник и ти ништо да не направиш во врска со тоа- изјави таа. (Sloboden pecat)

Back to top button
Close