Џо Бајден за ракот на простатата: „Нема да можам да водам толку разговори колку што се надевав“

Поранешниот американски претседател Џо Бајден сподели нови информации за својата здравствена состојба и борбата со ракот на простатата, откривајќи дека има денови кога се чувствува подобро, но и периоди кога болеста го забавува. Поради лекувањето, ќе мора да го намали бројот на јавни настапи поврзани со промоцијата на неговите претстојни мемоари.

EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS / POOL

Бајден, кој на 17 ноември треба да ја објави книгата „Вети ми, Америко“ (Promise Me, America), соопшти дека нема да може да учествува на онолку разговори и промотивни настани колку што првично планирал.

Во објава на социјалната мрежа Икс, 83-годишниот Бајден откри дека додека работел на книгата, му бил дијагностициран рак, болест со која се соочуваат милиони Американци и нивните семејства. Тој посочи дека лекарите и понатаму се охрабрени од неговиот одговор на терапијата и им се заблагодари на сите што му испратиле пораки за поддршка.

„Некои денови се подобри од другите. Тоа не ме запре, но понекогаш ме забавува. За жал, тоа значи дека нема да можам да учествувам на онолку разговори за мојата книга колку што се надевав“, напиша Бајден.

На поранешниот претседател во мај 2025 година му била дијагностицирана агресивна форма на рак на простатата, откако лекарите откриле промена при преглед поради сè поизразени проблеми со мокрењето.

Неговиот син Хантер во август, во разговор за Би-Би-Си, откри дека болеста се проширила и на коските. Тој изјави дека состојбата е болна и исцрпувачка, додавајќи дека му е тешко да го гледа татка си како се соочува со болеста.

Бајден порача дека и понатаму ќе се обидува да остане позитивен, потсетувајќи се на советот што му го давал неговиот татко: „Шампионе, кога ќе те соборат, стани“.

Објавувањето на неговите мемоари доаѓа неколку месеци по излегувањето на книгата на неговата сопруга Џил Бајден, „Поглед од Источното крило: Мемоари“, во која таа пишува и за здравствената состојба на сопругот, како и за неговиот настап во телевизиската дебата со Доналд Трамп во јуни 2024 година. Таа навела дека во тој момент помислила оти сопругот доживува мозочен удар.

Back to top button
Close