Ветеринарите денеска на протест пред АХВ и Владата: Бараат средства и продолжување на превентивните мерки

Вработени во ветеринарно-здравствениот сектор денеска, 9 ноември, ќе одржат мирен протестен собир поради лошата состојба во секторот и застојот во спроведувањето на превентивните мерки за заштита на здравјето на животните.

Собирот ќе започне во 13 часот пред Агенцијата за храна и ветеринарство, а во 14 часот е најавен протест пред Владата.

Иницијативата е на докторите по ветеринарна медицина од амбулантите и клиниките кои ги спроведуваат превентивните мерки на терен, со поддршка од Ветеринарната комора на Македонија.

Ветеринарите укажуваат на недоволните буџетски средства за здравствена заштита на животните, особено во последните две години, како и на, според нив, несоодветниот институционален третман на професијата.

Од Комората предупредуваат дека последиците од застојот го засегаат целото општество.

„Кога превентивните мерки доцнат, се отежнува навременото откривање и сузбивање на болестите кај животните. Тоа има последици за сточарите и за прометот со животни, а создава и ризици за безбедноста на храната и јавното здравје“, се наведува во соопштението.

Комората посочува дека во изминатиот период, преку средби и дописи, континуирано ги известувала надлежните институции за проблемите и за потребата од соодветно финансирање и услови за работа.

Оттаму бараат итни чекори за продолжување на работата на терен и системски решенија што ќе овозможат редовно и непречено спроведување на превентивните мерки.

Ветеринарната комора најави дека сите барања изнесени на протестот ќе ги достави до надлежните институции

Back to top button
Close