Додека се расправа што младите смеат или не смеат да учат, нивниот глас најмалку се слуша, велат од Националниот младински совет на Македонија
Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) изрази загриженост поради измените во програмата за сеопфатно сексуално образование, оценувајќи дека во процесот на донесување одлуки недоволно се слушаат мислењата и потребите на младите.

Од Советот посочуваат дека програмата, првично замислена како изборен предмет за средношколците, била ревидирана и преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“, при што биле отстранети или изменети делови што се однесуваат на родот, контрацепцијата и сексуалното здравје.
Од НМСМ велат дека јавната дебата главно се води меѓу возрасните, додека учениците, за кои е наменета програмата, остануваат недоволно вклучени. Според нив, младите секојдневно се соочуваат со прашања за здравјето, врските, сексуалноста, личните граници, согласноста, насилството и информациите што ги добиваат преку интернет и социјалните мрежи.
Од организацијата предупредуваат дека отстранувањето на одредени теми од наставата не значи дека потребата од информации исчезнува, туку дека младите можат да останат препуштени на непроверени извори и дезинформации. Тие сметаат дека учениците треба да имаат пристап до научно засновани и соодветни за возраста информации.
НМСМ потсетува дека Законот за младинско учество и младински политики го препознава правото на младите да учествуваат во одлуките што ги засегаат и бара овој принцип да се применува и при креирањето на образовните политики.
Советот бара Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието јавно да објаснат дали учениците и младинските организации биле консултирани при измените на програмата и на кој начин биле земени предвид нивните ставови.
Дополнително, бараат да се организира структуриран дијалог со средношколците, ученичките организации и младинските здруженија, како и да се преиспита ревидираната програма врз основа на стручни докази и реалните потреби на младите.
„Младите не бараат други да одлучуваат наместо нив што треба да знаат, туку имаат право на образование што ги подготвува за реалниот живот, на информации што им помагаат да донесуваат одговорни одлуки и на можност нивниот глас да биде слушнат“, порачуваат од НМСМ.
Организацијата, која обединува околу 30 младински организации и организации за млади, оценува дека образовните политики не можат целосно да одговорат на потребите на учениците доколку тие не бидат активно вклучени во нивното создавање и изменување.






