Филипче бара истрага за Алта банка, Обвинителството порачува: Не постапуваме по политички барања
„Јавното обвинителство оформува предмети врз основа на докази, не врз основа на барања од политички партии“, е ставот на Обвинителството во врска со прашањето за евентуално отворање предмет за „Алта банка“, по обвинувањата што ги изнесе претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче претходно побара Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, а во проверката на финансиските текови поврзани со банката да се вклучи и Европското јавно обвинителство.
Лидерот на СДСМ ја обвини министерката дека ја доведувала јавноста во заблуда во врска со „Алта банка“, повикувајќи се на записник од владина седница од 23 септември 2025 година.
Според неговите тврдења, Владата, на предлог на Димитриеска-Кочоска, донела заклучоци поврзани со понудата на „Алта банка“ АД Белград за преземање акции од 16 јавни институции.
Филипче тврдеше дека Владата им укажувала на институциите да достават писмени изјави за прифаќање или одбивање на понудата, поставувајќи го прашањето дали постоела директна комуникација со Давор Мацура и дали на тој начин му било овозможено да стекне поголем пакет акции.
Тој побара оставка од министерката за финансии и проверка на сите финансиски трансакции поврзани со банката.
Од ставот на Јавното обвинителство не произлегува дали веќе е оформен предмет за случајот, ниту дали надлежните обвинители располагаат со докази што би биле основа за понатамошно постапување.
Обвинителството нагласува дека основа за оформување предмети се доказите, а не барањата на политичките партии, без да соопшти дали ќе бидат преземени конкретни дејствија во случајот со „Алта банка“.






