Левица: На работниците во „Национални шуми“ наместо К-15 им се нуди огревно дрво

Од партијата тврдат дека на вработените им се доставува однапред подготвена изјава со која треба да се согласат со ваквиот начин на исплата, а од нив се бара документот да го потпишат под материјална и кривична одговорност

За ваквото постапување, од партијата ги посочуваат директорот на претпријатието Здравко Трајанов и неговиот заменик Кире Михаилов, барајќи од нив да објаснат врз која основа се предлага регресот да се исплати во натура

Од партијата Левица денеска соопштија дека на вработените во „Национални шуми“ наместо регрес за годишен одмор, познат како К-15 им се нуди огревно дрво.

Според партијата, до нив пристигнале сведоштва и документи од кои, како што наведуваат, се гледа дека на работниците им се нуди регресот во износ од 13 670 денари да им биде компензиран со огревно дрво.

Од Левица тврдат дека на вработените им се доставува однапред подготвена изјава со која треба да се согласат со ваквиот начин на исплата, а од нив се бара документот да го потпишат под материјална и кривична одговорност.

„До Левица пристигнуваат сведоштва и документи кои го разголуваат односот на оваа вмровска власт кон трудот. Со однапред подготвена изјава, вработените треба да се согласат регресот за годишен одмор од 13 670 денари да им биде компензиран со огревно дрво. И не само тоа! Од работникот се бара изјавата да ја даде под материјална и кривична одговорност“се вели во соопштението од партијата.

Партијата за ваквото постапување ги посочува директорот на претпријатието Здравко Трајанов и неговиот заменик Кире Михаилов, барајќи од нив да објаснат врз која основа се предлага регресот да се исплати во натура.

„Трајанов и Михаилов нека објаснат со какво право работничкиот регрес го претвораат во стока за трампа и кој им дал благослов да се однесуваат како управители на феудален имот! Дали и тие своите примања ги добиваат во цепаници или средновековната економија важи исклучиво за оние што работат под нив? Државното претпријатие е наследен чифлик на ДПМНЕ! Ако нивниот најголем управувачки дострел е да го заменат денарот со цепаница, тогаш нивното место не е во директорските кабинети“,пишуваат од Левица.

Од партијата се повикуваат на член 8 од Законот за исплата на платите, за кој наведуваат дека забранува исплата на плати и надоместоци во бонови и натура, како и на Законот за работните односи, според кој регресот е парично право на работниците.

„Десничарската ДПМНЕ толку безобразно ја гази работничката класа што веќе ни не се труди да го прикрие својот класен презир, туку го печати на службени документи и бара работниците сами да го потпишат! Трајанов и Михаилов нека си ги поделат директорските примања во цепаници“додаваат оттаму.

Левица бара итна одговорност и повикува Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор во ЈП „Национални шуми“.

Back to top button
Close