Јутјуберот Богдан Илиќ ќе добие кривична – со лажни вести за апсење предизвика паника на социјалните мрежи

Според Кривичниот законик на Србија, на Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, му се заканува затворска казна во траење до 5 години за кривичното дело „предизвикување паника и неред“.
„Доколку делото е сторено преку средства за јавно информирање (медиуми), социјални мрежи или на јавен собир, сторителот ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години“, се наведува во Кривичниот законик.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека јутјуберот не е лишен од слобода и дека станува збор за лажни вести објавени од неговиот профил.
„По извршените проверки во врска со наводите објавени на социјалната мрежа ’Инстаграм‘, на профилот ’bakaprasa‘, за ’киднапирање на Б.И. од страна на маскирани лица‘ и негово апсење поради поврзаност со ’Алта банка‘, Вишото јавно обвинителство во Белград и полициските службеници од Полициската станица ’Савски венац‘ утврдија дека станува збор за лажни тврдења“, се вели во соопштението на обвинителството.
„Во комуникација со полицијата, Б.И. појасни дека наведените изјави биле објавени бидејќи тој снима ’клип‘ што планира да го објави на својот Јутјуб-канал. Сепак, имајќи предвид дека со објавувањето лажни информации на својот профил на ’Инстаграм‘, Б.И. предизвикал паника во јавноста, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за борба против високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград, за кривичното дело ’предизвикување паника и неред‘“, се наведува во соопштението.






