ОК на ВМРО-ДПМНЕ: Барањето за кризна состојба е признание за неспособноста на градоначалникот на Крива Паланка


Барањето за кризна состојба потврдува дека општината и градоначалникот не се способни да го решат проблемот – велат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка, откако првиот човек на Општината, Сашко Митовски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, денеска побара Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба на територија на Крива Паланка за решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупен добиток.

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ велат дека проблемот на кој посочува локалната власт во Крива Паланка е децениски, а доколку навистина биле загрижени, од СДСМ требало досега да го решат бидејќи, како што велат, партијата трет мандат по ред има градоначалник во оваа општина.

„За разлика од СДС, Владата и надлежните институции во изминатиот период преземаа конкретни активности во рамките на своите законски надлежности и досега се одземени приближно 100 грла говеда. Проблемот со добитокот не започна денес, ниту ќе се реши со денешната прес-конференција. Градоначалникот треба да престане да ја политизира темата и да започне да ги исполнува обврските што произлегуваат од функцијата“,

велат оттаму, оценувајќи дека денешната прес-конференција на градоначалникот Сашко Митовски е обид реалниот проблем на граѓаните да се претвори во политичка тема, а вината да се префрли кај Владата.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка велат дека да бидат пречка на ниедна иницијатива во интерес на граѓаните и ќе поддржат секаква законска постапка за решавање на актуелниот проблем, но истовремено очекуваат одговорност и отчетност од локалната самоуправа за она што е во нејзина надлежност.

„Граѓаните не бараат политички препукувања, празни прес-конференции, ниту оправдувања. Бараат безбедни улици, заштита на нивните имоти и конкретно решение на проблемот. Барањето кризна состојба не смее да биде алиби за непостапување во рамките на редовните надлежности на локалната самоуправа. Граѓаните не очекуваат градоначалникот да им објаснува кој е виновен, туку очекуваат да видат конкретни резултати“,велат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска на прес-конференција побара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба поради неконтролираното движење на повеќе од 1 000 грла крупен добиток низ општината, кои предизвикуваат материјални штети и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Тој тврди дека институциите со години не успеваат трајно да го решат проблемот и побара координирана акција, заловување и згрижување на животните. Предупреди дека доколку Владата не реагира, можни се и протести на граѓаните.

Градоначалникот на Крива Паланка бара Владата да прогласи кризна состојба поради неконтролираното движење на добиток низ општината

Back to top button
Close