Дендијас: Западен Балкан е потенцијален извор на дестабилизација, Европа не смее да го занемари

Неопходна е зголемена будност во однос на Западен Балкан и да не дозволиме постојните жаришта на војна, дали меѓу Русија и Украина, дали на Блискиот Исток, Персискиот Залив или во Африка, да ни го одвлечат вниманието од еден огромен потенцијален проблем што се наоѓа во нашето соседство, посочи министерот за национална одбрана на Грција, Никос Дендијас, на отворањето на меѓународната конференција „Улогата на Западен Балкан во новата безбедносна архитектура“.

Дендијас посочи дека конкретната тема е многу актуелна со оглед на меѓународната средина што се менува со огромна брзина и се карактеризира со нестабилност и целосна неизвесност, ја повтори грчката поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан како предуслов за нивната стабилност и просперитет, но ја истакна и важноста регионот да не биде отсутен од дискусиите во многу европски престолнини.

Рече дека регионот „има тенденција да создаде дури и светски војни“ и затоа ова искуство, особено „ако се земе предвид актуелната состојба на Западен Балкан, нè води до очигледна констатација дека стабилноста не е нешто што се подразбира“, туку потребни се „будност, внимание, но пред сè, ангажираност“.

– Сакам да кажам дека многупати, кога сум во Брисел или во други големи европски престолнини на Север и Запад, со жалење забележувам дека на агендата на дискусиите, Западен Балкан воопшто не е присутен, а уште помалку сериозно се разгледува како потенцијален извор на проблеми и дестабилизација. Затоа сметам дека создавањето средина на будност во однос на безбедносните предизвици што произлегуваат од нестабилноста во конкретниот регион е прва должност на секој кој ја разбира современата реалност, нагласи Дендиас.

Дополнително, во однос на Грција рече дека има јасен став за европската перспектива на Западен Балкан, позиција што е „заедничка за целиот политички систем на земјата“.

– Сите политички партии во Грција веруваат во Солунската агенда од 2003 година, односно интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство, како неопходен предуслов за нивна стабилизација и просперитет. Нема да ви кажам ништо ново ако речам дека малите држави со еден, два или можеби помалку од еден милион жители не може да се сметаат за стабилни во современиот свет. Мораме да ги интегрираме во едно пошироко семејство – посочи министерот за национална одбрана на Грција.

Back to top button
Close