Тошковски: Целта не ни е да го полниме буџетот – од Сејф Сити собираме околу 10 милиони евра годишно
Околу 10 милиони евра годишно се очекува да се слеваат во државниот буџет од казните преку системот „Безбеден град“. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека станува збор за првични проценки, а не за конечни бројки, бидејќи годината сè уште не е завршена.

„Вкупниот прилив којшто се очекува годишно да биде во рамки на државниот буџет е некаде отприлика околу десет милиони евра. Ова не се точно утврдени бројки. Не е завршена годината, но согласно динамиката којашто ја имаме, очекувањата се дека вкупниот прилив ќе биде некаде околу десет милиони евра“, изјави Тошковски.
Од овие средства, 25 проценти, односно околу 2,5 милиони евра, се наменети за Министерството за внатрешни работи и ќе се реинвестираат во натамошното развивање и унапредување на системот „Безбеден град“.
„Точно 25 посто се наменети за буџетот на Министерството за внатрешни работи. Повторно реинвестирање во рамки на сè она коешто значи имплементирање и додадена вредност на ‘Безбеден град’“, рече министерот.
Тошковски нагласи дека основната цел на проектот не е собирањето пари од казни, туку подобрувањето на безбедноста во сообраќајот.
„Пак ќе повторам по милијардити пат, целта на овој проект не е полнење на буџетот на државата“, порача Тошковски






