Филипче: Власта ќе го тргне членот од Законот за јавни набавки што го оспори Сиљановска за да ги заобиколи амандманите на СДСМ

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, вели дека со амандманот на владејачкото мнозинство за повлекување на членот 13 од Законот за јавните набавки, поради кој претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за негово прогласување, власта го отвора патот за усвојување на законското решение, без да дојдат предвид повеќе од 2 000 амандмани поднесени од СДСМ.

„Слушнавме дека тој член би го повлекле пратениците на организираната криминална група и со тоа овој закон ќе помине. Зошто? Затоа што повторно сакаат да направат трик да не важат нашите 2 100 амандмани, со кои овој закон би го блокирале. Ете за таква власт станува збор. Сè ќе направат. Ќе тргнат некои работи што помалку им пречат само за да им поминат сите можни механизми за коруптивни и сомнителни зделки“изјави Филипче на денешната прес-конференција.

Целта на поднесените 2 100 амандмани на СДСМ, како што рече партискиот лидер, било блокирање на законот кој, според партијата, има повеќе спорни елементи одошто едната забелешка на претседателката Сиљановска-Давкова што се однесува на мандатите на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

По ветото на Сиљановска-Давкова, поднесени 2 158 амандмани за измените на Законот за јавни набавки

СДСМ се противи на повеќе аспекти од законското решение, меѓу кои зголемувањето на лимитите за набавки без тендер од 5 000 на 10 000 евра за градежни работи и од 1 000 на 2 000 евра за стоки, укинувањето на согласноста од Бирото за јавни набавки за постапките со преговарање без објавување оглас, како и зголемувањето на надоместоците за жалби од сегашните 5 до 200 евра на 150 до 600 евра. Целта, според Филипче, е да се обесхрабрат фирмите, посебно помалите, и да се откажат од жалби за постапките бидејќи ќе им биде скапо.

Дополнително, вели тој, со законските измени пристапот до јавни податоци, кој беше бесплатен и до кој имаа увид новинарите, граѓанските организации и граѓаните воопшто, со сегашните законски измени ќе се наплаќа.

„Затоа, користејќи ја нашата законска можност, поднесовме 2 000 амандмани со цел да го блокираме законот да не помине. Тоа е целта. Меѓутоа, деловничката одредба е таква да можеме да дадеме амандмани коишто се однесуваат само на делот за којшто претседателката дава забелешка, односно за времетраењето на мандатите на луѓето во државните комисии за јавни набавки, имајќи предвид дека на претседателката очигледно не ѝ пречи така како што Христијан предлага, а тоа е да се зголемат лимитите на трошење без контрола, да нема контрола од Бирото за јавни набавки, да се плаќа за пристап до јавни информации“,изјави Филипче на денешната прес-конференција.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, синоќа во интервју за „360 степени“ рече дека партиите треба да седнат на разговор за измените на Законот за јавните набавки, за кои се поднесени 2 158 амандмани. Ако нема договор, Собранието ќе ги разгледа амандманите во роковите предвидени со Деловникот.

 

Back to top button
Close