Алта банка ги враќа електронското и мобилното банкарство, од утре се отвора и експозитурата во Скопје

Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од денес повторно можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, а од утре ќе биде отворена и експозитурата во Скопје, соопшти Народната банка.

Електронското и мобилното банкарство ќе бидат достапни во рамките на утврдените ограничувања – до 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за оние кои немаат картички.

Лимитот се однесува збирно на сите сметки во Банката и ги опфаќа плаќањата со картички во трговските објекти и преку интернет, подигнувањето готовина од банкомати и на шалтер, како и плаќањата преку електронското и мобилното банкарство.

Од утре, 11 ноември, повторно ќе работи и експозитурата на „АЛТА банка“ во Скопје, која се наоѓа во Трговскиот центар „Бисер“, на булеварот „Јане Сандански“ бр. 1/1.

Во меѓувреме, продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Од Народната банка информираат дека внимателно ја следат состојбата и постепено ги прошируваат достапните услуги, со цел клиентите полесно да располагаат со сопствените средства и да ги извршуваат секојдневните плаќања.

„АЛТА банка“ продолжува да работи, а привремената администрација останува заштитна мерка до разрешување на сопственичката состојба. Од Народната банка посочуваат дека приоритет се заштитата на клиентите и зачувувањето на стабилноста на Банката.

Back to top button
Close