АНА и ИГОР ДУРЛОВСКИ на најголем заеднички концерт досега во Македонија: Два светски гласа – еден „ЗАВЕТ“!

„Пасворд продукција“ со особена чест  го најавува и организира најголемиот заеднички концерт досега во Македонија на двата најголеми оперски гласа кои оваа земја му ги подари на светот – Ана и Игор Дурловски! На 6 декември 2026 година, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, Ана и Игор Дурловски ќе ја претстават својата најамбициозна заедничка концертна продукција – ЗАВЕТ. Двајцата истакнати македонски оперски уметници, со меѓународни кариери и настапи на престижни светски сцени, ќе ја поведат публиката на несекојдневно музичко патување – од ремек-делата на класичната и оперската музика, преку незаборавните филмски теми и современите светски хитови, до богатството на македонското музичко наследство.

Придружувани од големиот симфониски оркестар АЈГА, хор и специјални гости, под диригентската палка на Ана Спасовска, Ана и Игор ќе претстават внимателно осмислена концертна програма во која се среќаваат различни музички жанрови, епохи и уметнички изрази. На програмата се дела од Карл Орф, Георг Фридрих Хендл, Џакомо Пучини, Жак Офенбах, Еитор Вила-Лобос и Енио Мориконе, но и музика од Radiohead, Sia и други автори чии композиции оставиле силен белег во современата музичка култура. Публиката ќе има можност да ги слушне O Fortuna, Creep, The Book of Love, Chandelier, Pie Jesu, Nessun Dorma, Bring Him Home и други препознатливи композиции, дел од нив во нови оркестарски аранжмани и интерпретации подготвени во соработка со македонскиот композитор и аранжер Сони Петровски.

Од монументалната сила на O Fortuna, преку драматичноста на Creep и Chandelier, до лириката на The Book of Love и Bring Him Home, секоја композиција отвора нов музички свет. Со симфонискиот оркестар, хорот и гласовите на Ана и Игор, познатите мелодии добиваат нови бои, израз и сценска димензија. Но вистинското значење на ЗАВЕТ се открива во неговата завршница.

По патувањето низ различни музички светови, Ана и Игор се враќаат кон македонската песна – кон мелодиите што ги поврзуваат генерациите и претставуваат нераскинлив дел од нашиот културен идентитет. „Кажи Анѓо“, „Дејгиди, луди млади години“, „Излегу да се рашета“, „Стојне, бре Стојне“ и „Назад, назад Калино моме“ ќе ја донесат топлината и препознатливата емоција на македонската музичка традиција во една голема симфониска концертна продукција. Токму во тој спој на светското и домашното, на класиката и современиот музички израз, на уметничкото искуство и сопствените корени, се раѓа идејата за ЗАВЕТ.

ЗАВЕТ не е само концерт што обединува различни музички жанрови. Тоа е музичка средба на светското искуство со сопствените корени, на уметничката слобода со традицијата и на минатото со сегашноста. За крајот на 2026 година, еден е изборот. ЗАВЕТ – „Од светот до изворот“… Настан што не се случува секој ден. Голема концертна продукција со врвни македонски уметници, создадена за македонската публика. 6-ти декември 2026 година, СЦ „Јане Сандански“, Скопје во 20:00 часот.

Back to top button
Close