Зголемен број пациенти со респираторни инфекции регистрираат здравствените установи во Куманово

Во Ургентниот центар од Општата болница Куманово, лекарска помош најчесто бараат пациенти поради зголемена телесна температура, кашлица, болки во грлото и мускулите, малаксаност. Лекарите посочуваат дека меѓу пациентите има повозрасни лица и хронично болни, но и помлади граѓани.

Особено внимание бараат пациентите со астма и хронични опструктивни белодробни заболувања, кај кои сезонските инфекции можат да предизвикаат влошување на здравствената состојба.

 

– Најчесто луѓето кои имаат кардиолошки проблеми, хронични опструктивни болести, астма, бронхијална астма и алергиски ринитис, кои секоја година се активни во овој период. Кај помладите се јавуваат болки во мускулите и зглобовите, зголемена телесна температура, болки во грлото, затнат нос или течење на носот. Има и пациенти со бронхијална астма кои имаат отежнато дишење и чувство на гушење – изјави Никола Стефановски, лекар во Ургентниот центар во Куманово.

 

Според податоците на Институтот за јавно здравје, Куманово е меѓу градовите со поголем број регистрирани заболени од грип. Во текот на минатата недела биле евидентирани 24 случаи.

Како една од најважните мерки за заштита од сезонскиот грип се посочува вакцинацијата. Во Куманово и соседните општини на располагање има 1.600 дози вакцини. За организмот да создаде соодветна заштита по имунизацијата, потребни се околу две недели.

Здравствените работници препорачуваат избегнување близок контакт со заболени лица, редовно проветрување на просториите и одржување лична хигиена, разновидна исхрана со овошје и зеленчук

Back to top button
Close