Филипче: Мед и млеко има само за власта – на граѓаните им се празни паричниците и фрижидерите

Мед и млеко има само за власта, додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, со празни паричници и фрижидери, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во „Топ тема“, на телевизија Телма. Филипче посочи дека животниот стандард паѓа, цените растат, граѓаните, немаат доволно пари ниту за покривање на основните трошоци, ниту за прехранбени производи, се наведува во партиското соопштение што МИА го пренесува интегрално.
„Не знам на што мислела министерката за финансии кога изјави дека дека буџетот ќе биде тежок, бидејќи единствено нешто што сега е тешко, а догодина ќе биде уште потешко, е животот на граѓаните, затоа што луѓето немаат пари, немаат пари да си ги покријат основни трошоци, немаат пари да си купат прехранбени продукти, да не зборуваме за цените на становите во Скопје и за другите инвестиции што семејствата треба да ги направат. Луѓето знаат дека од оваа власт не може да се очекува ништо добро – само сиромаштија, изолација, чекање на границите, периферија на Европа и ништо друго“, рече Филипче.
Тој нагласи дека во буџетот нема ништо што би значалео подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, додека огромни суми се издвојуваат за камати на кредити. Дополнително, државата има 700 милиони евра доспеани, а неисполнети обврски кон институциите и приватните компании.
„Во буџетот нема ништо што значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Факт е дека во буџетот нема доволно пари за зголемување на платите во здравството, образованието и социјалниот сектор. Факт е дека огромна сума оди за плаќање камати за кредити. Факт е дека државата има 700 милиони евра доспеани, а неисполнети обврски – и меѓу институциите и кон приватните компании, вклучително и обврските за поврат на ДДВ“, рече Филипче.
Во интервјуто Филипче посочи дека додека премиерот црта на табла за економски успеси и трета економија, граѓаните едвај преживуваат.
„Мицкоски црташе на табла и кажуваше дека сме трета или четврта економија во Европа, што е, најмалку кажано, смешно. Не ми е јасно зошто така се брукаат. Според последните показатели на Меѓународниот монетарен фонд, според бруто-домашниот производ по глава на жител, ние сме на 41. место од 48 земји. Пред нас е целиот наш регион, а само Косово е зад нас. Луѓето многу добро знаат како живеат. Гледаат дека и паричниците и фрижидерите им се празни и дека бројките што ги кажува министерката апсолутно ништо не им значат“, рече Филипче.
Тој посочи дека секоја година власта ги повторува истите најави и проекции, без граѓаните да почувствуваат какво било подобрување на животниот стандард, а граѓаните не гледаат никакво подобрување.
„Ако ги читате говорите на министерката за финансии, ќе ги видите истите работи и истите предвидувања – и во буџетот за 2025 година и во ребалансот, и во буџетот за 2026 година и во двата ребаланса. Секоја година ги кажуваат истите работи и ги ветуваат. Тоа важи само за нив кога се на власт, а за народот – ништо“, рече Филипче.
Филипче истакна дека приоритет на секоја одговорна влада треба да биде квалитетот на животот на граѓаните – чист воздух, пристапно гориво, храна, квалитетно образование и здравствена заштита, а не самофалбите на Мицкоски и министерката за финансии Димитриеска Кочоска.
„Граѓаните треба да живеат и да дишат чист воздух, да имаат пари за гориво и да го наполнат фрижидерот, а децата да одат во добро училиште, да добијат квалитетно образование и квалитетна здравствена услуга. А Гордана Кочоска и Христијан Мицкоски кажуваат колку пари предвидуваат и ги убедуваат граѓаните дека ова е најдобриот буџет и дека сме третата економија“, рече Филипче.
СДСМ






