Филипче: Протестот во Охрид утре ќе се одржи, не е само за Сара, туку и за сите други девојки


Најавениот протест на Форумот на жени на СДСМ утре пред полицијата и Обвинителството во Охрид ќе се одржи, потврди вечерва претседателот на партијата, Венко Филипче, во гостување на „Телма“.

Протестот е најавен во знак на поддршка за Сара Ѓоргиевска, која беше претепана, и покрај тоа што нејзиното семејство побара собирот да биде откажан, со образложение дека случајот не треба да се користи за политички цели.

Филипче изјави дека протестот не е само за Сара, туку и за да се спречат слични случаи во иднина. Според него, целта е да се укаже на постапувањето на институциите, а не да се собираат политички поени.

Семејството на Сара претходно се заблагодари за поддршката од јавноста, но порача дека по последните случувања и повторното определување притвор за осомничениот во овој момент му се потребни мир и закрепнување на неговата ќерка.

Кристијан Корабоски, осомничен за претепувањето на Сара, попладнево повторно бил приведен, а Обвинителството побарало притвор и најавило дека ќе го гони за три кривични дела.

Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој во Брисел најави дека Владата ќе стори сè за сторителот да биде изведен пред лицето на правдата, Филипче оцени дека тоа е „најголем знак дека Мицкоски се меша во судството“.

Back to top button
Close