Руска депеша: Без Вучиќ, Москва се соочува со сосема поинаков Балкан

Определбата на Студентската листа за одговорност ќе има последици и врз надворешната политика

Ноември се претвори во месец на интензивна дипломатска активност за Русија.

Москва, не само што ги обнови трилатералните разговори со Киев и Вашингтон за решавање на војната против Украина, туку успеа и да ја прошири агендата, опфаќајќи го и прашањето за тоа како треба да изгледа новата безбедносна архитектура на цела Европа по завршувањето на воените дејствија, пишува Бирн.

 

Во четвртокот, лидерите на Русија, Соединетите Американски Држави и на Кина одржаа досега невидена трилатерална средба во рамките на Азиско-пацифичката економска соработка во Шенжен, Кина.

Постојат сериозни сомнежи дека која било од овие активности ќе донесе конкретни резултати, но нивниот јавен ефект, во голема мера, го засени големиот удар што Москва го претрпе на Балканот – падот на српскиот лидер Александар Вучиќ, кој нашироко беше сметан за редок европски сојузник на Русија.

По 14 години на власт и две години масовни протести, Вучиќ поднесе оставка од функцијата претседател и распиша предвремени парламентарни избори, надевајќи се дека повторно ќе се врати на власт како премиер. Но, ризичниот потег не успеа, бидејќи на изборите победи Студентската листа, нов политички субјект на српската политичка сцена, кој произлезе од протестите против Вучиќ.

Навидум, новото српско раководство, кое сè уште не ги распределило министерските ресори, вети дека ќе се концентрира на домашните реформи, истовремено задржувајќи ја надворешната политика на Вучиќ, барем кога станува збор за соработката со Русија. Но, исполнувањето токму на тоа ветување ќе се покаже како тешко, освен ако движењето не се откаже од своите клучни реформски приоритети.

Иако Вучиќ никогаш не бил безусловен сојузник на Русија, тој бил единствен по тоа што неговите главни интереси се преклопувале со интересите на Москва.

Голем дел од агендата на Кремљ на Западен Балкан бил составен дел од сопствените напори на Вучиќ да ја одржи својата корумпирана и националистичка автократија, која политички и финансиски профитираше од тоа што Србија остануваше заглавена во геополитички вакуум. Како резултат на тоа, секој обид за уривање на кој било дел од системот на Вучиќ неизбежно ќе ги наруши и руските интереси.

Медиуми и енергетика

Да го земеме за пример прочистувањето на медиумскиот простор во Србија, процес што Студентската листа веќе го почна дури и пред формирањето на владата.

Формално, тоа нема никаква врска со Русија, трговијата со неа или санкциите против неа. Но, во суштина, медиумската империја наклонета кон Вучиќ беше главната движечка сила зад ширењето на проруски, прокремљовски и антиевропски наративи на Западен Балкан, додека медиумите под контрола на Москва, како што се „Спутник“ и „РТ Балкан“, имаа споредна улога.

Промовирајќи токсична верзија на српскиот национализам, луѓето од доверба на Вучиќ ја пренесуваа руската пропаганда до поширока публика и до оддалечени делови од регионот до кои Кремљ никогаш не би можел самостојно да допре.

Поголемиот плурализам и независноста на српските медиуми ќе ја прекинат оваа симбиоза, со неизбежен резултат – намалување на антиевропската пристрасност и слабеење на прокремљовските симпатии во српското општество и во српските заедници низ Балканот.

Истото важи и за ветувањето на Студентската листа дека ќе ја искорени корупцијата и непотизмот во српските државни институции и претпријатија, што индиректно го поткопува и нивното ветување дека ќе ја продолжат енергетската соработка со Москва.

Енергетските договори со Русија се озлогласени по својата нетранспарентност и сомнителност и во толкава мера зависат од неформални лични договори што дури и Вучиќ, за време на своите 14 години на власт, претпочиташе да не ги заменува клучните преговарачи во оваа област.

Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ е на својата функција од 2008 година, додека врските на Александар Вулин со Русија, кој моментално претседава со Надзорниот одбор на „Србијагас“, датираат уште од времето на Слободан Милошевиќ, кон крајот на минатиот век.

…

пoвеќе

Back to top button
Close