ЕУ ја спасува Македонија од пластичен отпад – од денеска забрана за извоз во нашата земја до 2029
Европската унија од денеска, 21 ноември, го забранува извозот на пластичен отпад во Македонија и во останатите земји што не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Забраната ќе важи најмалку до 21 мај 2029 година, а го опфаќа и чистиот, неопасен пластичен отпад наменет за рециклирање.

На одреден начин оваа одлука на ЕУ ќе ја спаси македонската држава да не биде претрупувана со пластичен отпад што доаѓа од Унија за потоа овде да се преработува под сомнителни услови.
Според податоците на Светската банка, во 2024 година членките на ЕУ пријавиле извоз на 323,5 тони пластичен отпад во земјава, во вредност од околу 46.400 долари. Најголемите количини биле испратени од Хрватска и Грција. Податоците не го покажуваат обемот на испораките во 2026 година. Европската комисија објаснува дека со забраната сака да спречи отпадот создаден во Унијата да предизвикува загадување и здравствени ризици во други земји.
„Еден од нашите приоритети е да го запреме загадувањето со пластика“, изјави во петокот европската комесарка за животна средина, Јесика Росвал, нагласувајќи ја потребата од глобален договор за справување со пластичното загадување.
Македонија претходно побарала од Европската комисија дозвола за продолжување на приемот на одредени категории неопасен отпад, меѓу кои хартија, стакло, метали и органски отпад. Пластиката не била опфатена со барањето. За другите категории од мај 2027 година ќе важат посебни ограничувања, со можност за одобрени исклучоци.
По 21 мај 2029 година Македонија ќе може да побара дозвола за повторен прием на неопасен пластичен отпад од ЕУ, доколку докаже дека располага со капацитети за негово безбедно третирање. Одобрението нема да биде автоматско.
Забраната се однесува на извозот од ЕУ и не претставува општа забрана за увоз на пластичен отпад во Македонија од сите други држави






