Мицкоски ги плаши граѓаните со трета светска војна, а во Македонија едвај се преживува, вели Филипче

Наместо да шири страв од трета светска војна премиерот треба да се грижи како да го подигне стандардот на граѓаните и да ја зголеми минималната плата.

Вака претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавата на Христијан Мицкоски дека реалната нето-плата во септември се зголемила за 5,2 отсто во однос на лани, а граѓаните едвај преживуваат со една минимална плата која не е доволна ниту за основните трошоци за храна и пијалаци.

„Го слушаме сега пред малку премиерот Христијан Мицкоски, го продолжува наративот на неговите двајца ментори, кои што веќе ги нема, и Орбан и Вучиќ ,тоа е последниот, кој што сега користи наратив дека наводно имало трета светска војна, тој имал таков впечаток и така натаму“, рече Филипче денеска на прес-конференција.

Филипче посочи дека додека Мицкоски се занимава со геополитички сценарија и ги плаши граѓаните, реалноста во Македонија е дека цените растат, струјата повторно ќе поскапи, а семејните буџети се сè потешко издржуваат.

Тој рече дека е можен сериозен скандал поврзан со вториот пензиски столб и го повика Мицкоски да одговори зошто со законски измени се брише одредбата за уплата на 6 отсто од придонесите во вториот столб.

Филипче посочи дека во новиот предлог-закон, кој е веќе објавен на ЕНЕР, се брише членот 120, и го отвори прашањето дали ова значи дека вториот пензиски столб нема да постои.

„Се брише членот 120 и се брише одредбата со која 6% од парите од придонесите, кои сите ние ги плаќаме за пензиско и инвалидско осигурување, 6% кои треба да одат во вториот столб. Каде ќе одат парите? Дали тоа значи дека се елиминира вториот пензиски столб? Огромен скандал на повидок. Треба добро да се објасни. Христијан Мицкоски да каже зошто не се уплаќаат парите таму“, рече тој.

Филипче предупреди дека најавеното зголемување на цената на струјата дополнително ќе предизвика нов бран поскапувања, со што товарот повторно ќе падне врз грбот на граѓаните.

„Иако токму Мицкоски во септември ветуваше и укажуваше дека струјата нема да поскапи, претседателот на Регулаторната комисија, член од ВМРО-криминалната група, Ацо Ристов, чија сопруга е член на Судскиот совет, најави зголемување на струјата. Ете толку од добрите економски политики на оваа власт и толку од желбата да се зачува, во најмала рака, а не пак да стане збор како што гледаме, за зголемување на стандардот на граѓаните“, нагласи Филипче.

„Што ќе се случи после Нова година? Ова зголемување на струјата за дополнителни 2-3 отсто ќе повлече повторно поскапување на буквално сите производи кај нас. Според последните извештаи, вредноста на синдикалната кошничка е повторно зголемена. Сега е 71.000 денари. Ако се извадат киријата или кредитите кои што ги плаќаат граѓаните за становите, тие трошоци се околу 90.000 денари“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека Владата нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра, за повисок студентски оброк и за потребите на граѓаните, но има пари за партиски тендери и непродуктивни трошења.

„Ние поднесовме бројни амандманиза буџетот во 2027. Одговорот засега од власта е дека нема пари и тоа е единствената вистина, дека пари во буџетот нема за ништо. Имаме 225 амандмани, меѓу другото, 600 евра зголемување на минималната плата и за тоа нема пари, зголемување на средствата за студентите, да се зголеми студентскиот оброк и за тоа исто така нема пари, а има за партиски тендери“, рече Филипче.

Back to top button
Close