Обвинителството се огласи за апсењето на Дубравко Мацура и другите осомничени: Влегувал во трезорското депо и изнесувал пари во евра, па му ги предавал на сопственикот на Алта банка

Во продолжение на истрагата против одговорните лица и вработените во „Алта банка“ а.д., по налог на Јавното обвинителство за организиран криминал, полициски службеници од УКП, СБПОК, Одделението за сузбивање на организиран финансиски криминал, извршиле претреси и го лишиле од слобода Дубравко Мацура, вработен во „Алта банка“ а.д. на позицијата специјален советник за оперативно-технички работи, логистика, имот и безбедност, Ј.П., вработена како благајничка во „Алта банка“ а.д., и Татјана Бундало, одговорно лице – директорка на компанијата „Алта груп“ д.о.о. Белград, поради сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на положбата на одговорно лице во помагање, согласно член 227 став 3 во врска со член 35 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението.

На осомничениот Д.М. му се става на товар дека неовластено влегувал во трезорското депо на „Алта банка“, од каде што противправно изнесувал готовина во евра, а потоа му ја предавал на осомничениот Давор Мацура, се наведува во соопштението.

На осомничената Т.Б. ѝ се става на товар дека изготвувала и им давала налози на вработените во „Алта груп“ д.о.о. Белград да изготвуваат и реализираат фиктивни налози за уплата на дневен промет, како и налози за уплата на пари на сметката на Давор Мацура со невистинита содржина, кои немале покритие во готовина. Врз основа на тие налози, Ј.П. вршела уплати на сметката на компанијата „Алта груп“ д.о.о. Белград, по што така уплатените пари биле префрлани на приватната сметка на Давор Мацура во „Алта банка“ а.д.

На тој начин, на осомничениот Давор Мацура му била прибавена противправна имотна корист во износ од 45.556.596.250,00 динари, на штета на „Алта банка“ а.д. и поврзаните правни лица.

На осомничените им е одредена мерка задржување во траење од 48 часа и тие во законски предвидениот рок ќе бидат сослушани во Јавното обвинителство за организиран криминал.

Back to top button
Close