Претепаната жена од Гостивар е на интензивна нега на КАРИЛ и е во животозагрозувачка состојба — сопругот е приведен
Жената која беше донесена во Клинички центар „Мајка Тереза“ по претрпено дводневно семејно насилство од сопругот кој ја тепал, е во животозагрозувачка состојба и од Ургентниот центар, каде првично беше донесена со возило на Итната медицинска помош, е пренесена на интензивна нега на КАРИЛ, пренесе „Слободен печат“ повикувајќи се ма болнички извори.

Жената има скршеници на ребрата и крварење во главата, велат нашите извори, а изутрина ќе се прават контролни прегледи. Таа по целото тело има гребаници. Засега дише самостојно, но состојбата се смета за животозагрозувачка, велат нашите извори кои се доктори специјалисти.
Жената која вечерва со сериозни повреди и деформиран лик од удари беше примена во Ургентниот центар, каде беше донесена со возило на Итната медицинска помош од Гостивар, дала податок на полицијата и на докторите дека два дена сопругот ја тепал. На прием таа била слабо контактибилна. Меѓу другите повреди, пациентката има хематом на устата. Насилството го пријавил нејзиниот татко по што од болницата во Гостивар таа беше пренесена во Скопје.
Од СВР Тетово информираа дека сопругот на повредената жена е веднаш лишен од слобода и спроведен во полициска станица за понатамошна постапка.






