Адеми: И протестите се демократски начин за изразување на политичката волја


И протестите се демократски начин на изразување на политичката волја и не треба некој на тоа да гледа како на нешто лошо дека се подготвува.

Ова денеска го изјави портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на состанокот на централното претседателство на партијата и темите кои ќе бидат разгледувани на него. Сепак, за такви чекори, додаде, Адеми, тие сè уште не се определиле како политичка партија.

Одговарајќи на прашања во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека имаат сознанија оти ДУИ планира дестаблизизација на државата наесен, Адеми рече дека ќе ги искористат сите демократски механизми кои ги имаат на располагање за да се преточи во конкретна правна норма легитимитетот на Албанците.

За ова, како што рече тој, ќе се консултираат со членството, со домашни и странски експерти. Ќе се консултираат и со американскиот експерт Пол Вилијамс, кого партијата го ангажира за прецизирање на законско или уставно решение на т.н. Мајски договор, односно озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот „победник со победник“.

Нацрт-предлозите на Вилијамс, како што кажа портпаролот на ДУИ во изјава за ТВ Сител, биле тема на дискусија на денешниот состанок на централното претседателство на партијата во Мала Речица.

„Денеска ние разговараме, ги анализираме, ги коментираме предлозите кои го сочинуваат драфтот на Пол Вилијамс, и за секој иден чекор благовремено ќе бидете известени. Како што од порано имаме најавено, ангажиран е авторот на Охридскиот мировен договор за да даде предлози бидејќи имаме различно толкување, за жал, на Охридскиот мировен договор, иако таму јасно е прецизирано што значи праведна застапеност, тоа не значи да се почитува само при вработување во институциите, туку и во процесот на донесување одлуки треба да има праведна застапеност. Се соочуваме со ситуација во која ние водиме битка кој е подобар пред граѓаните, што подобра понуда да понуди пред граѓаните, победуваш, те оценуваат граѓаните дека си најдобар и на крај некој друг одлучува иако си победил. И заради тоа е оваа политичка акција од страна на Демократската унија за интеграција и на ‘Европскиот фронт’ за правно санкционирање на почитувањето на меѓуетничкиот легитимитет“,
изјави портпаролот на ДУИ.

Околу изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ се подготвува да ја дестабилизира државата и дека тоа се очекува да се случи наесен, Адеми го повтори партискиот став дека тие се државотворна политичка партија која е гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на државата.

Back to top button
Close