Трамп изјави дека постои можност привремено да ја повлече номинацијата на Тод Бланш за министер за правда


Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека би можел привремено да ја повлече номинацијата на Тод Бланш за министер за правда.

Трамп наведе дека и понатаму целосно го поддржува Бланш, кого го опиша како „ѕвезда“, и порача дека би го задржал на функцијата вршител на должноста министер за правда сè додека републиканските сенатори Џон Корнин од Тексас и Том Тилис од Северна Каролина не го напуштат Сенатот.

„Немам ништо против привремено да ја повлечам номинацијата на Тод, доколку тие не ја направат вистинската работа, и повторно да ја поднесам откако Корнин и Тилис ќе заминат од Сенатот“, напиша Трамп на Трут Соушл.

Корнин и Тилис, на кои следната година им истекува мандатот во Сенатот, бараат дополнителни пишани гаранции дека конечно ќе биде укинат Фондот за борба против, како што е наречено, „политички мотивирана злоупотреба на институциите“, воспоставен во рамките на спогодбата со која заврши тужбата на Трамп против Управата за јавни приходи на САД (ИРС) поради објавувањето на неговите даночни пријави.

Двајцата сенатори исто така бараат измени на договорот за да се прецизира дека заштитата од даночни контроли се однесува исклучиво на веќе покренатите постапки, а не и на идните даночни пријави на Трамп и членовите на неговото семејство.

Изјавите на Трамп уследија откако Правосудниот одбор на Сенатот го одложи гласањето за номинацијата на Бланш. Бидејќи сите сенатори од редовите на Демократската партија во одборот се против неговото именување, противењето на само еден републикански член би било доволно номинацијата да не ја добие поддршката од одборот.

Back to top button
Close