Џафери до Деркоски: Нека договорат датум, па ќе ја исполнам мојата обврска

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, им порачува на лидерите на политичките партии да постигнат консензус за датумот на одржувањето на предвремените парламентарни избори, а потоа вели тој ќе си ја исполни неговата уставна обврска да ги распише изборите.

Џафери во изјава за „360 степени“ всушност му одговара на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски, кој претходно во изјава за МИА рече дека смета оти нема причина за закажување на седница на ДИК заради фактот, што според него, за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието да донесе решение со нов датум за избори.

– Се знае според Уставот кој распишува избори. Јас како претседател на Собранието ги распишав изборите на 12 април, кога ме информираа дека има консензус. Нека постигнат консензус и ќе ја исполнам својата уставна обврска – порачува Џафери.

Собранискиот спикер во оставка, пак, пред околу еден месец порача дека по завршувањето на вонредната состојба ДИК веднаш треба да почне со подготовка на изборите.

– Не може Државната изборна комисија да условува. Таа е обврзана според решение на претседател на Собранието, а во случајов и според уредбата е должна да постапи по роковите како што застанала. Евентуално во однос на она што Избирачкиот список бил ажуриран до 12 април,  па ќе биде нов датум, кој ќе биде, до тој датум  Изборниот законик, обврските на државните органи посебно МВР кај што е матичната служба имат периодична обврска на три месеци да достават извештај за ажурирање на Избирачкиот список – рече Џафери на 7 мај во интервју за ТВ Телма.

Back to top button
Close