(ВИДЕО) Ахмети до Мицкоски: Не барај си ја бељата, бирај ги зборовите

Свесен сум дека предрасудите и етничките бариери се уште постојат, но одредени глобални интереси кои не и мислат добро на земјата, ја потхрануваат поделбата меѓу етничките заедници, порача претседателскиот кандидат на ДУИ и коалицијата Европски фронт, Бујар Осман од централниот митинг во Скопје.

На собирот што се одржа на плоштадот Македонија, Османи покрај на албански, се обрати и на македонски јазик за да ги повика сите граѓани на обединување.

„Дојде моментот да ги менуваме работите, Европскиот фронт е идеја поголема од сите нас, за подобра иднина во обединета Европа, ајде да се обединиме заедно и побргу да ја постигнеме целта”,рече Османи.

Османи ги повика граѓаните да се мобилизираат, бидејќи според него, постојат реални шанси како кандидат Албанец да помине во вториот круг. Кандидат е на девет политички партии и четири заедници, кои како што рече, сочинуваат 47 отсто од населението во Северна Македонија.

„Ве замолувам да се мобилизирате, да овозможите да се пробие оваа бариера, бидејќи се создава еуфорија. Затоа, ве повикуваме луѓе, за да ја оствариме оваа историска победа, да одиме во вториот круг“,додаде Османи.

На митингот се обратија Зијадин Села, Мендух Тачи и претставници од останатите партии кои ја сочинуваат коалицијата Европски фронт, а на крајот се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој дел од говорот посвети на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Јас патував малку подолго и едвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку збора на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од освојувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“,кажа Ахмети.

Ахмети рече дека Еврпскиот фронт можеби некому му е малку досаден затоа што овие млади луѓе викаат УЧК, но УЧК е она што ја направи Македонија, а ги направи и најмалите заедници со идентитет.

-И покојниот (Борис) Трајковски беше благодарен што УЧК го призна идентитот. УЧК беше ослободител, така што денес сопствениците се господари во своите домови. Ние никогаш не сме сакале туѓо, но за нашето се боревме и пролеавме крв. Затоа, добро да ги измериме зборовите бидејќи оваа земја има свое место во Европа и таму можеме само заедно да одиме. Минатото е болно, и не треба да се заборави, но треба сите да се бориме ова минато да не се повтори, но да видиме како да ја градиме иднината – рече Ахмети.

Back to top button
Close