Ахмети: И кај меѓународната заедница има големо несогласување со оставката на Заев
Покрај кај коалициските партнери, и кај меѓународната заедница постои големо несогласување со оставката на премиерот Зоран Заев, уверува лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Тој вели дека странците очекуваат државата да постигне напредок во спроведувањето на политиките, а време за промени во владиното партнерство нема.
„Немаме време да влеземе во преговори за реформирање на Владата, ниту за промени во владиното партнерство. Работите се во нормала. Заев тоа веќе го направи и не може да се повлече бидејќи тоа има врска со неговото достоинство. Но, во лицето на достоинството, тој има големо несогласување од сите коалициски партнери, но и од целата меѓународна заедница, особено од Брисел, Вашингтон и НАТО, кои очекуваат државата да постигне напредок во спроведувањето на нејзините политики – изјави Али Ахмети, пренесе Алсат ТВ.
Коалициските партнери своето негосласување со оставката на Заев го кажаа на средба дента откако тој најави повлекување од премиерската и функцијата претседател на СДСМ поради лошиот изборен резултат на локалните избори.
Денеска на оваа тема зборуваше и министерот за правда од редовите на СДСМ, Бојан Маричиќ, кој најави дека се закажани низа средби околу и со коалициските партнери и во самата партија околу прашања за новиот мандат и одговорност за изборниот пораз кај партиското раководство.
„Консултациите и состаноците се во тек и не е благодарно да изнесуваме детали и да кажуваме што ќе биде бидејќи сè уште се во тек консултациите и со коалициските партнери и на ниво на СДСМ. Денеска има серија на средби и очекуваме наредната недела веќе да излеземе со конкретен план затоа што тоа е важно и за граѓаните и за државата. Нас приоритет ни е да се зачува парламентарното мнозинство бидејќи тоа е волја на сите коалициски партнери и секако да ја најдеме најдобрата формула како да продолжи да функционира владата во овој момент бидејќи има расположение и одлука да се продолжи, а да нема избори во овој момент“,
рече Маричиќ.