Ахмети: Лажни вести се дека пратеници од ДУИ ќе го зголемат мнозинството на Мицкоски

 

Не сме загрижени за ситуацијата со опозицијата. За нас се приоритет државните, а не партиските интереси – да го решиме проблемот со Бугарија, да функционира земјата во нормална состојба, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред средбата на партиското раководство во Тетово.

Како што рече Ахмети, ДУИ е отворена за разговори со сите кои се про ЕУ и НАТО, но нема комуникација, ниту ќе има со оние што негуваат анти НАТО, анти ЕУ и анти албанска филозофија.

Демокртатски е, смета Ахмети, некој да има мнозинство од 61 пратеник, но сосема друго е стратегија, концепт и иницијатива.

На новинарско прашање дали е точно дека пратеници од ДУИ ќе го зголемат мнозинството на Христијан Мицкоски, Ахмети рече дека тоа се лажни вести и дека ДУИ е комплетна.

-На средбата ќе се анализираат актуелните политички случувања, а целта е како да се зачува нормалната состојба во државата. ДУИ е партија со голем кредибилитет и приоритет. Секогаш ги става државните интереси пред партиските. Државните интереси се приоритет и тоа е најважно. Да го решиме проблемот со Бугарија, да функционира државата во нормална состојба. Не сме загрижени од ситуацијата со опозицијата, истакна Ахмети пред средбата.

Во врска со статусот што го објави на Фејсбук Шкодране Дардишта, членка на Одборот на директори на Македонски телеком, Ахмети потенцира дека ДУИ во својата кауза ја има слободата, а таквите изјави не се во интерес на партијата и каузата.

– Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него,  напиша Дардишта на својот Фејсбук профил коментирајќи ги актуелните случувања на политичката сцена во земјава.

На ова реагираше директорот на ЦУК и генерал Стојанче Ангелов, кој исто така преку Фејсбук и порача на Дардишта: „наместо со закани за војна, борете се со политички и демократски средства“.

-Г-ѓо Шкодране Дардишта, вие можеби сѐ уште ги имате вашите стари чизми на таванот во старата куќа но ние, во нашите заеднички полициски станици и армиски касарни имаме нови гојзерици. Верувам дека некои од вас се уште ги кријат и своите стари пушки но ние, во нашата заедничка македонска Армија имаме современо оружје и воена техника. Можеби вие сте подготвени за час да ги извадите белите патики и да облечети чизми но некои од нас чизмите не ги соблекоа никогаш. Патем, вашите некогашни пријатели денес се и наши пријатели а нашата заедничка држава денес е членка на НАТО, напиша Ангелов.

Back to top button
Close