Ахмети: Не треба да се гледа со скептицизам за нашата „зелена агенда“, ќе изненадиме со нашата платформа

Демократската унија за интеграција ги има сите капацитети да се справи со платформата на зелената агенда и на ова прашање не треба да се гледа со скептицизам, бидејќи за ова ќе има средства и од локално и од меѓународно ниво, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

-Ние не сме движење, статична партија. Ние сме партија што обновува, и се обновуваме, истакна Ахмети во вечерашнто издание на „Клик плус“ на ТВ21, додавајќи дека нивен прв приоритет ќе биде управување со отпадот, воздух и чистата вода.

Според него, овие прашања немале заслужен третман, иако одделот за екологија неколку мандати по ред го водеа претставници на ДУИ, за кои Ахмети вели дека се обиделе но има место и за критика.

-Да, вистина е кадри на ДУИ раководеле со надлежни институции. Има место за критика, но сега гледаме напред. Ќе изненадиме со многу проекти. Ќе изненадиме со нашата платформа за т.н. „зелена“ иднина. Сега е време за ваква платформа, вели Ахмети.

На новинарско прашање зошто токму сега ДУИ се насочува кон зелената агенда, Ахмети одговори дека тие 19 години имале друга агенда. – Ние 19 години имавме друга агенда. Ние имавме сериозни предизвици барајќи ги нашите права како Албанци. Ние 19 години работевме за да се имплементира Рамковниот договор. Сега нормативниот дел на Рамковниот договор е завршен. Правичната застапеност беше наш приоритет. Генерално, се боревме за правата на Албанците. Наш приоритет беше зачленувањето на Македонија во НАТО. Тука имаме и ние сериозен придонес. Сега, можеме да се фокусираме кон проекти кои носат подобар живот не само за Албанците, туку за сите граѓани на Македонија, посочи лидерот на ДУИ.

Ахмети, во одговор на прашањето, дали ДУИ на локалните избори ќе настапи сама или во коалиција со СДСМ, одговори дека соработката меѓу двете партии е одлична, и оти треба да се размисли за коалиција на престојните локални избори.

-Не знам, треба да видиме какви се интересите. Да видиме кои се интересите на граѓаните, кои се интересите на нашите партии ДУИ и СДСМ. Јас мислам дека нашата коалиција со СДСМ добро функционира последните четири години, односно од кога ја формиравме Владата со нив. Да, вреди да се размисли за можна коалиција. Но, без разлика дали ќе има коалиција или не, ние ќе настапиме со наши листи за советници, рече Ахмети.

Back to top button
Close