АЛКАЛОИД меѓу предводниците на одржливиот развој


„Ќе живееме со сегашните проблеми, но нашите размислувања мора да одат подалеку. ’Алкалоид’ не е само за денес и утре, туку за многу генерации што доаѓаат по нас“. Оваа изјава, дадена од Трајче Мукаетов во јануари 1986 година, ја отсликува визијата за одговорно управување, заедништво и за долгорочно создавање вредности, принципи што денес се препознаваат како суштински елементи на ESG-концептот.
Одржаниот „Бизнис форум на одржливост“ обедини претставници на бизнис-секторот, институциите, граѓанските организации и на медиумите, со цел размена на искуства и ставови за актуелните трендови во одржливоста и за улогата на компаниите во справувањето со клучните развојни предизвици во државата.

„За ’Алкалоид’ ESG-стандардите се суштински дел од секојдневното работење и стратешки двигател за управување со ризиците, поттикнување иновации, за обезбедување долгорочна конкурентност, градење доверба кај инвеститорите и за пристап до одржливо финансирање. Денес вистинското лидерство не се мери само преку финансиските резултати, туку и преку влијанието што го има компанијата врз животната средина, луѓето и заедницата“, истакна Мукаетов, осврнувајќи се на придобивките од примената на ESG-принципите во компанијата.

Тој посочи дека инвестициите во одржливост и заштита на животната средина во 2025 година донеле конкретни резултати. Компанијата остварила искористеност од 73,24 проценти обновлива електрична енергија, заштедила 21,35 милиони литри вода и елиминирала употреба на 179.000 пластични шишиња. Значајни резултати се бележат и во делот на општествената одговорност. Преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, во текот на изминатите 17 години поддржани се 739 стипендисти, при што се инвестирани речиси 151 милион денари. Во 2025 година во здравството, културата и во спортот биле вложени дополнителни 3,7 милиони евра.

Мукаетов нагласи дека економскиот придонес на „Алкалоид“ претставува важен двигател на локалниот развој. Во 2025 година, по основ на плати, придонеси и други надоместоци за вработените во Македонија, како и на дивиденди за акционерите, компанијата исплатила 51,5 милиони евра. Дополнително, во државниот буџет биле уплатени 32 милиони евра по основ на даноци и придонеси. Во насока на поддршка на домашната економија, „Алкалоид“ соработува со повеќе од 1.960 домашни добавувачи, на кои во текот на 2025 година им исплатил 52,5 милиони евра за обезбедените производи и услуги.

Првиот ESG-извештај на „Алкалоид“ е објавен во април 2023 година. Во 2025 година компанијата го доби признанието „Добри ESG-практики за 2024 година“ од Македонската берза и од Американската стопанска комора за својот најнов консолидиран извештај изработен на ниво на целата Групација.
Во рамките на настанот на „Алкалоид“ АД Скопје му беше врачена Наградата за родово одговорни семејни политики за големи претпријатија, а на Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, наградата „Лидерство за одржлив развој“.
„Бизнис форумот на одржливост“ е организиран од Клубот на одговорни бизниси на „Конект“ во партнерство со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија и со УНФПА, а со поддршка од Австриската агенција за развој (ADA).

Back to top button
Close