Алкохоличарите во Холандија ќе добијат електронски нараквици

Холанѓаните осудени за злосторства извршени под дејство на алкохол наскоро околу глужд ќе стават специјални пластични алки за електронски надзор, со чија помош ќе се следи нивната навика за консумирање алкохол.

Холандското Министерство за правда објави дека со помош на електронската нараквица, ќе се следи секој обид за консумирање алкохол меѓу сторителите, така што автоматски ќе се анализира составот на потта на лицето што ја носи алката.

Податоците од нараквицата еднаш дневно ќе се доставуваат до централниот сервер, што на полицискиот службеник ќе му даде јасен увид во однесувањето на корисникот. Се објаснува дека таков систем за набљудување е подобар од оној кој во моментов е во сила, а тоа е тест преку крв или урина што се изведува двапати неделно.

– Прекршителите се свесни за тоа дека со помош на уредот може во секое време да се утврди дали консумирале алкохол, што истовремено ќе им помогне да го избегнат тоа, изјави Тони Рубино, вработен во служба за условни казни.

Министерството за правда на Холандија соопшти дека пилот-студијата покажала оти 71 процент од сторителите не консумирале алкохол за време на пробниот период, иако на некои им бил лесно достапен.

Приближно половина од учесниците изјавиле дека не консумирале алкохол најмалку три месеци по отстранувањето на нивната електронска нараквица.

Истражувањата, на чии резултати се повикува Министерството за правда, покажуваат дека 26 отсто од 43 проценти од сите насилни настани во Холандија се поврзани со злоупотреба на алкохол, а цената за таквото однесување за холандското општество е околу шест милијарди евра годишно.

Back to top button
Close