Амал Клуни се соочува со забрана за влез во САД
На сопругата на холивудскиот глумец Џорџ Клуни – Амал Клуни, може да ѝ биде забранет влез во САД, заедно со други истакнати адвокати – поради санкциите кои ги воведе претседателот Доналд Трамп.
Според „Дејли меjл“, познатата либанско-британска застапничка за човекови права, наводно добила предупредување од американскиот Стејт департмент. Поради нејзините правни совети за воени злосторства, што доведоа до издавање налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, може да ѝ биде одбиена виза за влез во САД. Брачната двојка Клуни го минува поголемиот дел од времето во Велика Британија и Италија, но поседува и имот во САД, каде што Џорџ овие денови настапува и во претстава на театарот Бродвеј во Њујорк.
Веста, којашто сè уште не е потврдена, доаѓа откако американскиот претседател Трамп издаде извршна наредба против Меѓународниот кривичен суд (МКС), обвинувајќи го „за антихристијанска пристрасност“ и осудувајќи ги „нелегитимните и неосновани“ обвиненија против Нетанјаху. Извршната наредба 14203, им забранува на обвинителот на МКС – Карим Кан и неговото семејство, да влезат во САД и им ги замрзнува нивните средства на американските сметки.
Судот, инаку, покрена обвинение и против тројца лидери на Хамас кои оттогаш се убиени.
Меѓу правниците кои му давале правни совети на МКС и биле вклучени во одлуката за издавање на налогот, се Хелена Кенеди и судијата Адриен Фулфорд, на кои, исто така, им биле изречени предупредувања, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Во мај 2024 година, како одговор на критиките дека не ја користи својата јавна позиција за да ја истакне тешката положба на палестинскиот народ, Амал Клуни изјави:
– Бев член на овој комитет затоа што верувам во владеењето на правото и заштитата на животите на цивилите. Законот што ги штити цивилите во војна е развиен пред повеќе од 100 години и се применува во секоја земја во светот, без оглед на причините за конфликтот.
Пред една година, Трамп и Џорџ Клуни имаа јавно препукување, при што Клуни ја поддржуваше кампањата на Џо Бајден, а Трамп во свои објави на „Трут сошл“ го нарече Клуни – „второкласна филмска ѕвезда“ и неуспешен политички стручњак.
Амал е квалификувана да се занимава со адвокатура во САД, Англија и Велс. Таа беше повикана во Адвокатурата на Њујорк во 2002 година. Нејзината кариера е насочена главно на застапување на жртви на масовни злосторства, геноцид и сексуално насилство, и работела на многу високопрофилни случаи.