Америка ја загуби војната во Иран. Ќе помогне ли Кина?

Денко Малески

Читателите ќе се сетат дека, кога, на почетокот од војната, моќната американска армада почна да се движи кон Персискиот залив, опишав еден историски настан од 1588. Таа година, време на доминација на Шпанија со светската политика, непобедивата шпанска армада, недалеку од бреговите на Англија, беше поразена во битката со малите и брзи англиски бродови и се прашав дали Америка нема да доживее истата судбина во Иран. Деновиве, потврда за загубената американска војна дојде од „најневозможното место“.Не од либералите и противниците на војната туку од Роберт Каган, еден од најистакнатите претстравници на таканаречените „неоконс“ (неоконзервативци).

Некогашениот советник на потпретседателот Чејни и сопруг на Викторија Нуланд, заменичката државен секретар, која ја вовлече Украина во војна со Русија, објави текст во The Atlantic насловен „Шах-мат во Иран“ со признание дека Америка го доживеала најголемиот стратешки пораз на меѓународната сцена. Поголем и од оној во Виетнам или Авганистан, ќе напише Каган. Еден од најтврдите конзервативци, огнен поддржувач на војната во Ирак и заговорник на употребата на американската сила за вообликување на светот, заклучи деновиве дека војната со Иран е изгубена и дека тоа ќе ја забрза мултиполарната трансформација на светот.

Не, Америка не е воено поразена оти се работи за најмоќната армија во светот и за нуклеарна сила која, со употреба на атомски бомби, навистина може да и стави крај на иранската цивилизација, како што се закани претседателот Трамп. Значи, Америка не е воено поразена , но Иран покажа дека во епоха на „асиметрични војни“, кога ракети и евтини дронови можат да ја држат моќната американска армада, вредна милијарди, на оддалечина од 2000 километри од брегот, може да се загосподари со Ормускиот теснец. После уништувањето на американските воени бази во арапските држави од Заливот, уште во првиот ден на војната, и со најновите ирански закани за уништување на нивните нафтени извори и системите за десалинизација, единствениот извор на вода за пиење, државите од Заливот мораат да се прилагодат на новата реалност дека Иран има безбедносни интереси кои мораат да се почитуваат. Со самиот тој факт е нарушена рамнотежата на силите во регионот, па неможејќи да ги заштити сојузниците, Америка го загуби геополитичкиот кредибилитет како во Заливот така и во светот. Ако Америка не може да се справи со Иран, што станува со големите сили како Кина или Русија, е прашањето што ќе си го поставуваат државите, пишува Каган и заклучува дека „нема враќање на status quo ante“. Со својата воздушна кампања во Иран Америка покажа уште еднаш дека супериорноста во оружје и дозволува на големата сила да уништува цели но не и да воспоставува нова политичка реалност на теренот. Освен преку масовна инвазија со американски војници на теренот, што, заклучува Каган, е „политички и воено нереалистично“да се очекува.

Денес, претседателот Трамп е во Пекинг на разговори со претседателот на Кина Си Џијаопинг. Иран, несомнено ќе биде една од темите. Кога станува збор за кинеска помош за Америка, не може многу да се очекува од посета која, според дипломатските аналитичари, е неподготвена и служи само за задоволувањето на големото его на американскиот претседател. Зашто, на сите им е јасно дека постои антанта (дипломатски израз за ад хок сојуз) меѓу Иран, Кина и Русија, па исходот од војната има конкретни последици и врз редистрибуцијата на моќта во светската политика меѓу големите нуклеарни сили. Напуштањето на политиката наречена безбедност преку доминација од страна на САД, во прилог на политика на безбедност за сите, ќе биде ѓаволски тешка работа. Ова особено во триаголникот Америка, Кина и Русија.Време е за сериозна дипломатија.

 

Back to top button
Close