Американска амбасада во Приштина: Косово е првата земја во Европа што ќе прими депортирани лица од САД, благодарни сме
Соединетите Американски Држави (САД) ѝ се заблагорадија на Владата во Приштина за одлуката Косово да биде првата држава во Европа што ќе прифати лица од трети земји депортирани од САД.

Ова денеска на платформата Икс го објави вршителката на должноста амбасадор на САД во Косово, Ану Пратипати.
„Благодарност до нашиот партнер Косово, првата земја во Европа што објави прием на државјани од трети земји депортирани од Соединетите Американски Држави. Обезбедувањето на границата на САД е клучен приоритет на администрацијата на Трамп и многу им благодарам и на владата и на народот на Косово за нивното партнерство“,
се наведува во објавата.
Привремената влада на Косово пред два дена соопшти дека одлучила да обезбеди привремена заштита за 50 лица од трети земји, во рамките на соработката со Соединетите Американски Држави.
„Лицата засегнати од оваа одлука, за време на нивниот престој во Република Косово, ќе постапуваат во согласност со важечкото законодавство и ќе ги уживаат правата утврдени со важечките закони“,
објави привремената извршна власт во Приштина по седницата одржана на 11 јуни.
Привремениот премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека престојот на до 50 лица во земјата, кои подоцна ќе се вратат во своите матични земји, ќе го управува и координира Министерството за внатрешни работи на земјата.
Извор: 360 степени