Американските стратешки резерви на нафта паднаа на најниско ниво во последните две години

Обемот на стратешките нафтени резерви на САД падна на најниско ниво во последните две години, откако официјален Вашингтон беше принуден да ги отвори складиштата за да го ублажи глобалниот дефицит настанат поради конфликтот со Иран.
Министерството за енергетика на САД (ЕИА) соопшти дека резервите на нафта и нафтени деривати во стратешките резервоари во моментов изнесуваат 1,584 милијарди барели, како и дека резервите и понатаму опаѓаат. Експертите предупредуваат дека обемот на резервите набрзо би можел да ја пробие критичната граница од 1,5 милијарди барели, што е ниво под кое САД последен пат беа во март 2023 година.
Според пресметките на телевизиската мрежа Си-Ен-Ен (CNN), од почетокот на отворениот конфликт со Иран, количеството нафта во американските стратешки резерви е намалено за околу 12 отсто. Агенцијата С&П глобал енерџи (S&P Global Energy) проценува дека поради блокадата на Ормуз, на светскиот пазар недостасуваат 1,2 милијарди барели нафта.
Соединетите Американски Држави само минатата недела префрлија 9,1 милиони барели од резервите на пазарот за барем делумно да го покријат недостигот на пазарот.
Аналитичарите предупредуваат дека кризата нема да исчезне преку ноќ, дури и во случај Вашингтон и Техеран веднаш да потпишат мировен договор.
– Доколку договорот биде постигнат утре, ќе бидат потребни најмалку шест недели за да се расчистат застоите и метежот со танкерите во Ормуската Теснина – предупреди главната аналитичарка во компанијата РБЦ капитал маркетс (RBC Capital Markets), Хелима Крофт.






