Анатомија на убиството во Кочани

Танкица речиси и да немаше живот, вели нејзина пријателка од работното место, која била единствената што знаела за тортурата низ која минува. Била принудена да зема кредити за да му дава пари на Усеин, поранешен колега од текстилната фабрика, кој ја уценувал со наводно компромитирачки фотографии, пишува Бирн.

Седум години не се доверила никому. Тивко страдала, стравувајќи од осудата од околината и од реакцијата на најблиските. Од она што го слушнавме во разговорите со нејзините сограѓани во Кочани, десет дена по убиството, се чини дека стравот и тоа како ѝ бил оправдан.

Кај кочанци речиси и да не наидовме на емпатија за жената што беше свирепо убиена на улица.

„Не требало да ја убие, ама веројатно и таа го испровоцирала“, ни рече една пензионерка што ја сретнавме во Кочани.

Танкица дури во мај годинава ѝ се доверила на колешката, откако ѝ нашле проштално писмо на работа, го оставила кај машината за шиење.

„Или ќе се убијам или ќе ме убијат“, пишувало.

На самоубиство помислила кога Усеин ѝ побарал дополнителни 5.000 евра.

Тогаш ништо не се случило, меѓутоа откритието на писмото ѝ овозможило на Танкица да открие дека била уценувана и оти Усеин постојано ја демнел. Се доверила само на жена со која работела во една кочанска конфекција.

Нејзиниот убиец, некогашен колега со кого сѐ уште не е јасно каков однос имала, според зборовите на пријателката ја терал да носи посебен мобилен телефон, кој речиси цело време бил вклучен за да ја слуша. Ѝ забранувал да оди на Нова година и на слични прослави, за да не троши пари.

На колкава психичка тортура била изложена Танкица, илустрира и тоа што секогаш кога се јавувал, а тоа го сведочела и другарката, ѝ се препотувале дланките и пиела по два „дијазепама“. Овој нескриен страв не го препознале во полициската станица, каде што таа по низа перипетии, сепак, отишла да го пријави уценувачот.

Имало само неколку часа во денот кога не ја прислушувал и тоа време го искористила за да отиде во полициската станица.

Полицијата не направила проценка за ризик по нејзиниот живот, велат од МВР за БИРН, зашто кочанското обвинителство делото го оквалификувало само како уцена.

„Ниту еден од прибраните докази во предметот не упатуваше на физичка опасност за жртвата“, изјавија за БИРН од обвинителството.

Повеќе

 

Back to top button
Close