Јаневска: За младите е најмалку важно на која етничка група припаѓаш

Предлог-законот за средно образование повторно ќе биде поднесен во Собранието, со подобрен текст, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во вечерните вести на ТВ Сител.

„Дискусијата за предлог-Законот за средно образование беше префрлена на политички план. Бидејќи се претвори во друга тема, а не тема за образованието, сметам дека е соодветно да се повлече законот“, објасни Јаневска.

Политиката да не се вметнува таму каде што не треба, а во образованието и не смее, посочи Јаневска, изразувајќи надеж дека во иднина ќе дојде до разбирање на политичките партнери околу заедничките државни симболи, по мирен пат.

„Тука јас ја гледам улогата на образованието. Ќе се посветиме на воспитната компонента, на мултиетничноста, на мултикултурализмот, почитување на различностите во образовниот процес. Тука е нашата шанса. Кај младите кои веќе го гледаат новиот свет, свет во кој најмалку е важно на која етничка група припаѓаш, или дали припаѓаш на мнозински или малцински народ. Технологијата напредува од ден на ден, глобалната слика се менува од ден на ден, ние не можеме да живееме во минатото. Тука ја гледам иднината и просперитетот на оваа држава“, рече Јаневска.

Таа најави дека во Буџетот на Министерството за 2025 година се обезбедени средства за превоз на студентите, откако одлуката ќе помине на Влада.

Back to top button
Close