Јаневска за назначувањето на Богојески: Поставените директори треба да работат натпартиски и професионално

 

Не можам да ја коментирам работата на директор што е поставен на функцијата пред два дена, рече денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање за назначувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

За реакциите во јавноста дека Богојевски често изнесувал антиалбански ставови, за што вчера реагираше и Демократската унија за интеграција (ДУИ) и го осуди неговото назначување за диркетор, министерката рече дека ги слушнала партиските реакции, како и дека доколку се појават проблеми во рабоатата на директорот, ќе бидат преземени мерки.

„Политичките партии имаат удел во функционирањето на Владата, но кога поставуваме функционери, ги поставуваме да бидат непартиски и да си ја вршат работата за која се поставени, да организираат и да спроведуваат закони и да работат најдобро што можат“,рече Јаневска.

Посочи дека токму поради реакциите во јавноста, неговата работа ќе се следи.

„Доколку е се во ред и тој е деполитизиран, ќе немаме проблем. Ако има некакви други проблеми, ќе се преземат мерки“,кажа таа.

ДУИ вчера го осуди именувањето на Петар Богојески за раководител на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Според партијата, оваа институција има за цел да ги приближува младите кон европските вредности, „а не да ги навредува и понижува“.

 

„Именувањето на човек кој целата своја јавна и политичка кариера ја изгради со навреди и омаловажување кон Албанците, претставува директна провокација не само за Албанците во Северна Македонија, туку и за самата европска идеја во земјава. Посебно иронично и трагично е тоа што истиот овој поединец беше предмет на кривична пријава токму од партиите на ВЛЕН во Владата, а денес, со нивна поддршка, е награден со водечка функција“, се вели во реакцијата од ДУИ.

И Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села смета дека назначувањето на Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е во целосна спротивност со моменталната европска ориентација на земјата.

 

Од коалицијата ВЛЕН вчера ги праша ДУИ зошто не го прашаат Талат Џафери како Богојевски бил државен советник во Министерството за одбрана.

 

„Зошто на ДУи не му пречеа неговите антиалбански ставови кога беа во официјална коалиција со Груевски и Мијалков“,посочија од ВЛЕН.

 

Петар Богојески, лидерот на партијата Македонски концепт, коалициски партнер во власта, пред два дена беше назначен за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Најголем дел од парите со кои располага агенцијата доаѓа од програмата на Европската Унија „Еразмус+“ која е наменета за поддршка во образованието, обуката, младите и спортот во државите во Европа, вклучително и земјава.

Back to top button
Close