Ангела Попиванова заминува на Кралскиот колеџ во Лондон: Најважно ми е да не ја изгубам желбата да правам позитивни промени и да останам верна на своите вредности

Ангела Попиванова оваа есен заминува на Кралскиот колеџ во Лондон, каде ќе студира меѓународни односи — област што веќе неколку години е во центарот на нејзиниот интерес. Освен таму, таа е примена и на Универзитетот во Единбург, Универзитетскиот колеџ во Лондон, како и на Универзитетскиот колеџ во Лајден, што ја прави една од ретките средношколки од Македонија со ваква академска аспирација. Но зад успешните апликации и биографија стои млада личност што внимателно го следи светот околу себе — војните, политичките конфликти, кризите и улогата на меѓународните институции. Преку дебати, конференции, Моделот на Обединетите Нации и бројни воннаставни активности, Ангела постепено ја гради својата визија за дипломатијата, меѓународното право и креирањето јавни политики.

Со неа разговаравме за младите и политиката, за вербата во Обединетите Нации во време на глобални конфликти, но и за возбудата и можеби мотивациската трема пред заминувањето во Лондон.

 

Ангела, најпрво ти честитам, примена си на неколку престижни европски универзитети, а избра да студираш на Кралскиот колеџ во Лондон. Какво е увството кога знаеш дека ти претстои едно толку големо животно поглавје?

Ви благодарам многу. Искрено, чувството е мешавина од огромна возбуда, благодарност, но и одговорност. Кога вложувате години труд, учење и работа на себе, а потоа ќе добиете ваква можност, сфаќате дека започнува едно сосема ново поглавје. Лондон отсекогаш за мене претставувал место каде што се спојуваат различни идеи, култури и перспективи, па токму затоа сум многу среќна што ќе имам можност да бидам дел од таква средина. Избрав да студирам на Кралскиот колеџ бидејќи најмногу одговараше на моите академски интереси и на тоа како се замислувам себеси во иднина. Особено ме привлече можноста да учам во средина каде што студентите доаѓаат од целиот свет и каде што ќе можам секојдневно да се соочувам со различни перспективи за глобалните прашања што ме интересираат.

Дали покрај возбудата постои и трема? Големите промени носат и трема која понекогаш може и да е мотивирачка? Како се чувствуваш?

Со оглед на моите 17 години, мислам дека трема секогаш постои кога пред вас стои толку голем чекор. Но, тоа е една позитивна и возбудлива трема – нешто што мајка ми отсекогаш ме учела да го гледам како добар знак, знак дека нешто навистина ти значи. Предизвикот е голем, особено кога започнувате нов живот во друга држава, но токму борбата за успех и чувството дека постојано се надградувате се огромна мотивација за мене. Повеќе чувствувам возбуда и желба за напредок отколку страв. Верувам дека најголемиот личен раст се случува токму кога ќе се осмелиме да излеземе од комфорната зона.

 

Во последните години развиваш силен интерес за меѓународните односи и глобалната политика. Кога сфати дека токму ова е патот што сакаш да го следиш?

Пред две години, имав прилика да присуствувам на летна програма по меѓународни односи во Кембриџ преку програмата Оксбриџ. Ги опфативме главните теории за меѓународни односи и ги применивме на актуелните глобални предизвици како што се тероризмот, пропагандата и подемот на популизмот. Навистина уживав во искуството, особено во финалната презентација за конфликт по наш избор. Со цел подлабоко да ги истражам политичките тензии на Балканот, ја анализирав ситуацијата во Косово и улогата на меѓународнита заедница во нејзиното разрешување. Токму преку тоа истражување сфатив колку комплексни се односите меѓу државите и колку историјата и дипломатијата се испреплетени. Истовремено, преку часовите по историја развив длабок интерес за Студената војна и за начинот на кој нејзиното наследство се уште влијае врз современите меѓународни односи. Колку повеќе учев за историските конфликти, толку повеќе ме интересираше како тие ги обликуваат денешните геополитички процеси. Подоцна почнав самостојно да истражувам теми поврзани со меѓународните односи и меѓународното право. Напишав есеј за концептот на „soft power“ и неговата улога во современата дипломатија, за што добив 50% стипендија за програмата Immerse Education во Лондон. Тоа искуство дополнително ми покажа дека најмногу ме привлекуваат прашањата поврзани со дипломатијата и меѓународното право.

 

Следиш конфликти како руската инвазија врз Украина и израелско-палестинскиот конфликт. Истовремено, имаме впечаток дека големите сили отворено ги игнорираат принципите и препораките на ОН — гледаме, прекршувања на меѓународното право и однесување што многумина го доживуваат како арогантно, без разлика дали станува збор за Русија, Израел или други држави. Во таков свет, дали ти сè уште веруваш во идејата и вредностите на Обединетите Нации, и што е тоа што ти ја задржува таа верба?

Верувам во идејата и вредностите врз кои е основана Обединетите нации – како платформа за дијалог, соработка и мирно решавање на спорови. Сепак, мислам дека денешниот меѓународен систем не е совршен и во одредени аспекти е застарен. Често гледаме како големите сили постапуваат спротивно на принципите што самите ги поддржуваат, што создава разочарување и критики кон меѓународниот поредок. Токму затоа сметам дека се потребни реформи, особено во телата како Советот за безбедност, каде што правото на вето понекогаш го ограничува капацитетот на Обединетите нации да реагира поефикасно на глобални кризи, без разлика дали станува збор за Украина, Газа, или други конфликти. Но и покрај тие недостатоци, верувам дека светот без вакви институции би бил уште понестабилен и понепредвидлив.

 

Освен академскиот успех, активна си во дебатни клубови, хуманитарни иницијативи, ученички организации и училишниот весник. Колку тие искуства те обликуваа како личност?

Мислам дека овие искуства ме обликуваа исто толку колку и академското образование. На 14 години го основав клубот „Helping Hands“ со цел повеќе ученици да се вклучат во волонтерска и општествено корисна работа. Денес клубот има околу 35 членови, а една од активностите што најмногу ми остана во сеќавање беа посетите на домот за стари лица „Феникс“. Поминувавме време со станарите, разговаравме со нив, игравме игри и ги слушавме нивните животни приказни. Тоа искуство ме научи на емпатија и ми покажа колку понекогаш едно внимание или разговор може да значи многу за некого.

Исто така, како студентски амбасадор во CEESA (Central and Eastern European School Association) Belonging Initiative имав можност да соработувам со ученици од различни земји и културни средини и да разговараме за различноста, инклузивноста и чувството на припадност во училиштата. Заедно работевме на препораки за наставниците како да создадат средина во која секој ученик ќе се чувствува прифатен. Научив дека луѓето можат да имаат многу различни перспективи, но дека вистинскиот дијалог започнува кога сме подготвени да ги слушнеме. Пишувањето за училишниот весник, особено на теми поврзани со политиката и меѓународните односи, дополнително ја продлабочи мојата љубопитност за светот и ми помогна да развијам критичко размислување. А преку Студентскиот совет научив колку се важни организацијата, комуникацијата и застапувањето на интересите на другите. Сите овие искуства ме направија поодговорна и посигурна во себе.

 

И за крај — каде се гледаш себеси по десет години?

Искрено, не знам дали можам точно да кажам каде се гледам себеси по десет години, затоа што мислам дека човек постојано расте и си поставува нови цели. Се надевам дека и по десет години ќе бидам личност што сè уште учи, се надградува, и се труди да биде подобра верзија од себе. Со оглед на тоа, би сакала да работам во областа на меѓународните односи, дипломатијата или јавните политики, но најважно ми е никогаш да не ја изгубам желбата да правам позитивни промени и да останам верна на своите вредности.

 

Back to top button
Close