Ангелов: На погребот во Кочани да бидат само најблиските, ужалените грѓани ги молам да не влегуваат внатре
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојнче Ангелов, ги замоли ужалежните граѓани да не влегуваат на гробиштата на денешната погребна церемонија, туку тоа да го напрват отпосле.
-Целата македонска јавност е тажна и сочувствува со семејствата на 59-те настрадани лица во ужасниот пожар во Кочани. Но, тагата и болката на родителите, браќата и сестрите, роднините и другарите на настраданите е најголема. Затоа, Ве молам, денес да ги оставиме унесреќените родители, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда. Да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб.
Да го оставиме Синодот на МПЦ предводен од Неговото Блаженство г.г. Стефан, поглавар на МПЦ ОА на гробиштата во Кочани како и свештениците во другите градови и села, непречено да ја одржат погребната церемонија.
Сите ние сме тажни и сочувствуваме со семејствата на настраданите. Но, ги замолувам граѓаните кои денес во Кочани ќе оддадат почит на настраданите, да не ја попречуваат погребната церемонија. Невозможно е, нехумано и непотребно, сите во исто време да пријдат околу телата на починатите. На родителите им треба утеха од најблиските кои претходно ќе влезат со нив.
Поради конфигурацијата на теренот на градските гробишта во Кочани невозможно е безбедно влегување на поголем број на луѓе внатре во гробиштата. На влезната капија на гробиштата ќе стојат свештеници од Кочани кои ќе ги пропуштат родителите со нивните најблиски. Ги замолувам останатите ужалени граѓани, да останат надвор од портите на гробиштата. Достоинствено, без туркање и загрозување на својата и безбедноста на присутните да оддадат почит на настраданите.
По завршувањето на погребната церемонија, но и следните денови, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе можат да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа.
Денес, да ги оставиме најблиските, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда.
На и околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број на лекарски тимови и вода за пиење.
Упатувам најдлабоко сочувство до сите семејства кои ги загубија своите чеда.
Бог да ги прости починатите. Нека им дава сила на нивните семејства, вели Ангелов.