Јапонија ќе ги евакуира своите државјани од Судан
Јапонија денеска соопшти дека се подготвува да ги евакуира своите граѓани од Судан. Јапонија ќе стане првата земја што ќе преземе ваква мерка поради насилството што трае од саботата меѓу суданската армија и паравоена група.
Во борбите меѓу паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ) на генералот Мохамед Хамдан Дагло и армијата предводена од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, која е на власт од пучот во 2021 година, според ОН, од минатата сабота загинаа речиси 200 луѓе.
Околу 60 јапонски граѓани живеат во Судан, вклучувајќи го и персоналот на амбасадата, изјави денеска портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно. Министерството за одбрана ги презеде неопходните подготовки за евакуација, рече портпаролот на прес-конференцијата.
Во меѓувреме, расте бројот на меѓународни повици за прекин на непријателствата во Судан. Министрите за надворешни работи на Г7 собрани во Јапонија претходно оваа недела побараа итен прекин на огнот меѓу двете страни, а истиот апел во понеделникот го упати и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Експлозии се слушнаа во близина на аеродромот во главниот град на Судан, Картум, а борби има во центарот на градот, иако завојуваните страни вчера се согласија на 24-часовен прекин на огнот, јавува Скај Њуз Арабија.
На видеото објавено на интернет од Силите за брза поддршка (РСФ) се гледа пожар кој се чини дека зафатил цивилен авион паркиран на аеродромот.
На видеото се слуша и континуиран звук на гранатирање. Огромни експлозии се слушаат во центарот на Картум од раните утрински часови. Пукање се слушна и во многу области на провинцијата Картум. Според некои информации, РСФ во текот на утрото испратила „огромно засилување“ во главниот град.
Припадниците на таа група се распоредени и по патот што ги поврзува Картум и државата Џазира во централниот дел на земјата.