Арсовска не ја доби поддршката од советниците за набавка на екоавтобуси со кредит од 10 милиони евра


За време на седницата Арсовска ги повика советниците, особено оние од ВМРО-ДПМНЕ, да не ја бојкотираат оваа точка од дневниот ред и да го изгласаат предлогот, кој, како што рече, е дел од програмата „За модерно Скопје“, која на локалните избори беше поддржана од оваа партија.

„Би било нечесно кон сите скопјани на овој начин да бидат изиграни и изманипулирани токму од оние коишто јавно говореа и ја поддржуваа програмата ‘За модерно Скопје’ во целост, а особено имајќи предвид дека се работи за едно од клучните прашања за кои треба да се најде решение и да се надминат предизвиците кои ги имаме со тоа што ќе се обезбеди квалитетен јавен превоз за граѓаните“,

изјави Арсовска на денешната прес-конференција пред стартот на седницата во Советот.
Сепак, по однос на оваа точка и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и оние од СДСМ гласаа „воздржано“, со што не се обезбеди мнозинство за предлогот да биде изгласан.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека не се работи за проект за набавка на еко автобуси, туку, како што велат, ново слепо задолжување од 10 милиони евра за кое нема објаснување како ќе бидат потрошени парите.

„Скопје има потреба од нови автобуси, но не и од задолжување без образложение за нов криминал и задоволување на приватни интереси. Нема информации на колку години е тоа задолжување, дали Градот и ЈСП имаат финансиска моќ, од каде ќе е задолжувањето и дали однапред е тоа договорено?“

велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката група на СДСМ, пак, кажа дека тие не се против набавка на нови автобуси, но дека е недозволиво како советници да немаат никакви информации колку автобуси ќе се набават и на колку години е кредитното задолжување.

Во предизборната кампања скопската градоначалничка вети набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен автобуски превоз за скопјани.

Back to top button
Close