Артан Груби на диво бил прв вицепремиер, Меџити го наследува според џентлменски договор

Изет Меџити е прв вицепремиер, но таа функција е според џентлменскиот договор, бидејќи во Законот за влада таква функција не постои, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој објасни дека во претходната влада функцијата прв вицепремиер била на диво, односно дека не била регулирана со закон.

Според законот, којшто е важечки премиерот има заменици, а договорот којшто го имаме во рамки на коалицијата е џентлменски, е да, да има прв вицепремиер и тој е Изет Меџити. Но тоа е надвор од законот. Законот вели дека има само заменици на претседателот на Владата. Тоа што до сега работеле на диво и што е работено незаконски, тоа нема да биде пракса во работењето на оваа Влада Но да, џентлменскиот договор во коалицијата е така – изјави Мицкоски.

Дилемата дали функцијата прв вицепремиер, која е воспоставена во време на Владата на Зоран Заев, останува и во владиниот кабинет на Христијан Мицкоски е поради различните изјави на министрите на новата Влада. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски неодамна изјави дека таква функција во новата Влада ќе нема, додека Меџити тврдеше дека тој е новиот прв вицепремиер.

Функцијата прв вицепремиер во владите на Заев и на Димитар Ковачевски ја извршуваше Артан Груби од ДУИ, кој едновремено беше и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција сметаше дека прв вицепремиер и министерството з аполитички систем се измислени функции за Груби, и честопати при јавните настапи го нарекуваа министерството на Груби.

Back to top button
Close