Асоцијацијата на професори по Етика во религиите бара враќање на статусот на предметот и нивно трајно вработување

Претставници на Асоцијацијата на професори по Етика во религиите „Просветление” денеска имаа средба со директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска, на која ја информираа за барањата на наставниот кадар што го предава предметот Етика во религиите, кои се поврзани со предметот и нивниот статус.

На средбата, како што соопштија од „Просветление“, беа разгледани дилемите и можните предизвици што ги отвора најновата идеја, презентирана во јавноста, а во контекст на процесот на измени во основното образование.

Имајќи ја предвид досегашната заложба на  МПЦ-ОА и на самите професори – задржување на посебноста на наставниот предмет Етика во религиите во VI одделение како посебен задолжително-изборен предмет – предмет кој е уставно-правно регулиран уште во 2009 година, односно за кој не постои уставна и законска пречка за негово враќање во претходниот статус, професорите инсистираат на враќање на статусот што предметот го имаше пред Концепцијата од 2021 година.

Професорите бараат враќање на претходниот статус на предметот „Етика во религии“, чиј статус беше деградиран со новата Концепција на минатата влада во 2021 година. Согласно новата Концепција, овој предмет е симнат на нивото на слободно-изборен предмет, и се наоѓа во конкуренција со уште безброј други предмети кои немаат фактичко постоење, односно можат без никакви правни последици да бидат отстранети од образовниот систем. Професорите бараат Етика во религиите, кога веќе не може да биде редовен предмет, тогаш да има статус на задолжително-изборен предмет, натпреварувајќи се само со уште еден предмет, како израз на фер натпревар помеѓу два различни предмети. Тие, исто така, бараат и да се најде законска можност за трансформација на нивниот работен однос од определено во неопределено работно време, зашто на начинот на којшто сега е поставен системот, тие се единствените професори во образование што се дискриминирани, бидејќи немаат никаква законска можност да се здобијат со решение на неопределено работно време.

Асоцијацијата на професорите по Етика во религиите изразила благодарност до директорката на КОВЗРГ, Трајковска за преземената иницијатива, како и подготвеност за задолжително вклучување на претставниците на Асоцијацијата во сите дискусии околу процесите на одлучување.

За средбата со претставниците на „Просветление“ преку својот фесјбук профил информираше и директорката Трајковска.

Таа наведува дека на состанокот бил поздравен нејзиниот предлог за воведување на предметот Етика во рамки на образовниот процес. Исто така беа пренесени барањата на вероучителите кои се однесуваат конкретно на предметот Етика на религии кој во моментов го предаваат, како и нивниот работен статус. Трајковска истакнала дека во наредниов период ќе бидат остварени средби со сите засегнати страни и чинители, со тенденција да бидат реализирани зацртаните цели.

Back to top button
Close