Аушвиц, „граѓанското студенило“ и Бугарија

Пораз на европските вредности е кога Бугарија бара од Македонија да ја „признае“ бугарската „национална вистина“ како своја. Истовремено, сама ја „заборава“ сопствената „непријатна национална вистина“. Пишува Кица Колбе, за Дојче веле.

Прочуена е мислата на Теодор В. Адорно за тоа дека Аушвиц го овозможи „граѓанското студенило“ кое владее во современите општества. Аушвиц е симболот за поразот на европската култура пред расното варварство. Долго владееше вербата дека Аушвиц останува неспоредлив. Се‘ додека современите истражувања на културалното паметење, особено оние на Мајкл Ротберг (Michael Rothberg), не укажаа дека сеќавањето на геноцидите мора да биде „повеќенасочно” (multridirectional). Во книгата „Повеќенасочно паметење. Паметејќи го Холокаустот во ерата на деколонијализацијата” (Multidirectional Memory. Remembering the Holocaust in the Age of Decolonization”, 2009) Ротберг истакнува дека Аушвиц е призмата со која стануваат појасни и повидливи и други геноциди. На пример, оној врз африканските народи во колонијализмот, оној во Ерменија, Босна и Херцеговина, или Руанда. Во своето најново дело од 2019-та, „Вмешаниот субјект. Отаде жртвите и злосторниците“ („The Implicated Subject. Beyond Victims and Perpetrators”) Мајкл Ротберг појаснува дека покрај релацијата „злосторници и жртви“, постојат и субјекти вмешани во геноцидите на индиректен начин, како сојузници, како помошници на злосторниците, како пасивни набљудувачи на злото. Тука Ротберг потсетува на Адорновото сознание за „граѓанското студенило“. Адорно сметаше дека модерниот субјект е затворен во себе како монадата на Лајбниц. Тој не е способен да сочувствува со сите што страдаат, освен со оние малкумина „свои и ближни”. Тој маѓепсан круг на затвореноста во себе и во „своето”, според Адорно, за миг го прекина само христијанската порака на љубовта, но и таа брзо беше изневерена. Геноцидот е пораз на модерниот хуманизам, но и на јудео-христијанските вредности. Аушвиц е симбол за најголемото варварство во име на „расната чистота“ –  на националсоцијалистичката, но и на етнонационалистичката фиксација во „своето“. За да се сознае тоа, треба прво критички да се промисли сопственото минато, сликите за „своето“ и за „туѓото“.

Сите затворени во своја приказна

Тоа сознание уште не стигнало на Балканот. Балканските народи и ден-денес се монади, затворени во националистички  фиксации. Студенилото за кое пишува Адорно, може да постои и во односите на народите и на државите едни кон други. Такво студенило се раѓа и кога една држава останува фанатично затворена во својата проекција за „национална чистота”. Затоа Адорно постојано пишува за „меѓусебниот однос на заслепеност“ во идеолошката или националистичката слика за субјектот и за општеството. Во односите меѓу балканските народи владее слично „слепило“ за Другиот. Во балканската историја различните народи најчесто се доживувале како „материјал“ кој треба да се асимилира во сопствената нација. Тој служи само за својата национална величина. Затоа балканските народи најчесто не сочувствуваат  со туѓото страдање. Сите се затворени во својата приказна за траумите и војните. Затоа Балканот е уште далеку од европските вредности, дури и кога е дел од  европските структури.

Пораз на европските вредности е кога Бугарија бара од Македонија да ја „признае“ бугарската „национална вистина“ како своја. Во исто време, кога самата ја „заборава“ сопствената „непријатна национална вистина“ од Втората светска војна. Балканските национални држави се градеа во последните два века врз урнатините на мултукултурни  царства кои не ја познаваа модерната идеја на нацијата. Неколку века балканските народи опстојувале во Османлиското Царство како христијани. Христијанинот, пак, нема нација, туку е нова рожба, која, ако е вистинска, мора да стои над „крвта и почвата“, над „расата“, над чистата нација“. Што се случи на Балканот во мигот на создавањето на „националните идеи“, кои беа често пропагирани од православните цркви? Тие создадоа нов амалгам – „нацијата“ која стана „света и исконска“, онака како што за христијанинот беше света припадноста на верата. Од тој миг, на Балканот религиозната определба се изедначува со националноста, што е погубно и за државата и за црквата. Црковните училишта во минатото го асимилираа  „туѓото“ население на Балканот во „својот“ затворен национален круг. Кога не им успеваше да го асимилираат, националните балкански држави често го „прогонуваа“ или го жртвуваа „туѓото” население на псевдосветиот олтар на „нацијата“.

Таква жртва беше и депортацијата на македонските Евреи во Втората светска војна. Можеби во актуелната полемика со Бугарија би станале појасни клучните европски императиви, како оној за Аушвиц, кога би се укажало дека бугарскиот етнонационализам не се разликувал од националсоцијализмот. Аргументот дека на бугарското општество не му бил својствен антисемитизмот, повеќе не држи. Затоа што за судбината на Евреите во Македонија немало разлика дали ги прогонувал антисемитизмот или етнонационализмот. Обајцата ги одликува „самовљубеноста“ во „своето“, во „чистотата на сопствената нација“. Во контекстот на теоријата на Мајкл Ротберг, според која одговорноста за геноцидот е поширока од шемата „жртва-злосторник“, па затоа ги вклучува и државите како „вмешани субјекти“, станува јасно од која европска „домашна задача“ бега Бугарија, обидувајќи се да ја обезличи Македонија – пред таа воопшто да добие можност да стане ЕУ-членка! Бугарската држава станува сојузник на нацистичка Германија, затоа што во нејзините цели гледа сличност со своите. Во германскиот сон за Третиот Рајх, Бугарија на цар Борис го препознава бугарскиот сон за Санстефанска Бугарија и за обнова на некогашното средновековно бугарско царство. За да го оствари тој сон, на  Хитлеровата пропаганда му служеше „расната теорија“ за  „чистотата и супериорноста на Ариевството“. И бугарската пропаганда за „Голема Бугарија“ се служи со националсоцијалистичката парола за „еден народ, една држава, еден  цар“.  На супериорноста на „ариевската раса“ одговара чистотата на  „бугарската раса“. Токму затоа во „сојузничка Бугарија“ се воведува законот за „чистотата на расата“, кој го пропиша Хитлерова Германија.

„Туѓото население“

Историските извори сведочат дека бугарската власт во Македонија почнува со ригорозно „побугарчување“ на словенското население само со една цел. На крајот на војната, кога требало да се одлучи статусот на Македонија, бугарската држава да има „чист бугарски етнички резултат“. Меѓутоа, ако навистина Македонците до 1945-тата биле Бугари, зошто и‘ требало на бугарската власт толку жестоко да ги „побугарчува“ по 1941-та? Зошто морало да се  „чисти“ населението во Македонија од сите „туѓи“ елементи, како 12.000 македонски Евреи, убиени во Треблинка? Германската историчарка со бугарско потекло, Росица Ивкова, одговора на ова прашање во дисертацијата од 2004-та за  различното геноцидално однесување на Бугарија во Втората светска војна. Таа ги спаси „своите Евреи“ во „Стара Бугарија“, а ги осуди на убиство „туѓите Евреи“ од „Нова Бугарија“ (Македонија и Пирот). Во желбата да создаде „чиста бугарска нација“, бугарската власт ги жртвуваше Евреите.  „Чистата бугарска нација“ во „окупираните области“, Македонија и Пирот, според оригиналните извори, требало да се оствари со „ослободување на областа од „туѓото население“, „со крвна доминација и со колонизација на областа“, со „чистење“ на новоосвоените области од „туѓото население“ – „грчките и српските колонисти, Евреите, Турците, Циганите и Ерменците“.

Во прочуениот есеј  „Што значи: соочување со минатото (1959)”,  Адорно  потсетува на Гетеовиот „Фауст”, каде што за ѓаволот се вели дека тој е зла сила затоа што го уништува паметењето. „Убиените треба да бидат изневерени и со единственото нешто што може да им го подари нашата немоќ, паметењето”, пишува Адорно. Балканот уште бега од ова сознание како од ѓавол!

Текстот е преземен од Дојче веле

 

Back to top button
Close