Ѓаволот ја однесе шегата

Граѓаните имаат сѐ повеќе проблем да разберат што е вистина или лага, а состојбата станува многу сериозна кога се работи за прашања поврзани со здравјето

 
   

Тешкото епидемиско секојдневие одамна не остава време за шега, а и традиционалното еднодневно „априли- ли- ли“ го изгуби значењето под секојдневниот наплив од лажни вести. Во време на инфодемија граѓаните се повеќе имаат проблем да разберат што е вистина, шега или лага, додека бројните стратегии против лажните вести сѐ уште каскаат зад проблемот.

Вчера на социјалните мрежи се прошири наводен допис од Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во кое се бара општинските организации на СДСМ до 2-ри април да достават приоритетни списоци за „вакцинирање на наши луѓе“, со назнака дека тој процес треба да помине тивко и да не се споделува јавно.

Ваквата информација предизвика бројни реакции, но и сомнежи, а социјалдемократите синоќа преку соопштение објавија дека станува збор за лажно, монтирано писмо.

„Одредна фотомонтажа за наводен допис за вакцинирање на членови на СДСМ е груба невистина, лажна вест, целосна измислица со креирана графичка монтажа. Целта е манипулација на граѓаните во услови на пандемија, вештачко создавање негативни емоции за да му наштети на угледот на СДСМ. Тоа како одговорна партија нема да го дозволиме. Следуваат и соодветни пријави до надлежните институции“, најавија од СДСМ.

Од партијата ги повикаа граѓаните да бидат внимателни и ако забележат вакви или други случаи на кривичното дело – лажно претставување, да се обратат до СДСМ преку официјалните канали, за партијата да може соодветно да реагира.

„Не постои и нема да постои партиско вакцинирање. Тоа е само во главите и опасните умови на подрумите и Фејкњуз лабораториите кои имаат за цел да страда народот. Тоа се истите што ширеа лажни вести за референдумот, за пописот, истите кои се во постојана координација со ‘радикалното’ манипулаторско ткиво на структурите блиски до ВМРО-ДПМНЕ и до Левица! Тоа за жал зборува многу повеќе за нив отколку за СДСМ, која постојано се води и ќе се води единствено од интересите на граѓаните и државата“, се вели во соопштението.

Итно да се истражи

И граѓаните сакаат институционален одговор – Обвинителството итно да се занимава со овој случај.

„Не нѐ интересираат партиски пресметки. Нѐ интерсира дали ова е вистина или лага. Откако цела година ја поминавме во корона – агонија, а многу луѓе изгубија блиски, процесот на имунизација не смее да биде оптоварен ни со сомнежи за вакцинирања преку ред, ни со лажни вести. Итно да се истражи“, коментира жителка на Скопје која чека да добие термин за вакцинирање.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати од надлежните бараа декласификација на документите за вакцинирани лица.

„Не смее и не може додека докторите се борат за нашите животи деноноќно, а некој друг да се вакцинира преку ред. Наместо примарна заштита на лекарите и медицинскиот персонал, ние имаме вакцинации како таа на секретарот на струшката болница, кој се вакцинираше преку ред. Колку уште такви случаи има и кои имиња се кријат? Филипче, дали е вистина дека се прават списоци за приоритетна вакцинација на лица од власта и од СДСМ? Што е спорно, да се објави списокот на вакцинирани ако е испочитувана процедурата“, праша пред Министерството за здравство пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, потенцирајќи дека по промената на власта ќе се отвори документацијата и сѐ ќе биде објавено јавно.

„Текстот“ на докторот

Според социолози, дезинформациите секогаш прават штета, но таа може да биде многу поголема во време на справување со епидемија, бидејќи ја нарушува довербата во здравствениот систем, ги обесхрабрува и дестимулира граѓаните да бараат помош или ред во организирање на имунизацијата, што во краен ефект негативно се одразува на здравствената сотојба.

Министерот за здравство Венко Филипче и Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николоски, не беа достапни за коментар околу овој случај.

Пред неколку дена пулмологот д-р Дејан Докиќ беше предизвикан да се бори против лажни вести, откако на социјалните мрежи се прошири текст објавен наводно од негово име, кој се однесува на состојбата со коронавирусот во земјата. Докиќ објави дека не е автор на текстот кој нанесува штета на неговиот углед, а случајот го пријавил во полиција.

Во текстот во кој беше злоупотребено неговото име, беше објавена „негова“ оценка за аларматната состојба со исполнетоста на капацитетите во јавните и приватните болници, како и „негов“ совет како граѓаните да се заштитат, во време кога власта не презема поостри мерки да затвори сѐ, освен аптеки и маркети за прехрана.

извор. ДВ

Back to top button
Close