Азески: Заев, Рама и Вучиќ покажаа политичко лидерство

– Политичко лидерство – тоа денеска можевме да го видиме на дело од премиерите Заев и Рама и од претседателот Вучиќ.

Ваква беше оценката на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески пред почетокот на економскиот панел што се одржува од Регионалниот форум „Поврзан Балкан“ во Скопје.

-Она што се подразбира по западните критериуми дека се бара политичко лидерство од претседателите, тоа денеска можевме да го видиме на дело и од Заев и од Рама и од Вучиќ зашто, една иницијатива за која уште нема комплетна поддршка, политичките раководства да ја објаснат, смело да тргнат напред и да го поведат народот кон таа цел, е само политичко лидерство кое го подразбира Запад и кон кое треба да одиме, истакна Азески.

Претходно, преку видео обраќање снимено за оваа прилика, тој испрати две пораки.

-Првата од нив е, денеска конечно да се договориме да исчезнат долгите редици камиони од нашите граници,  а втората – она што досега не карактеризираше: затвореноста, сивата економија и евтината работна сила да останат за нас. За тоа е потребно да направиме договор  за две работи: да го отвориме Балканот и да се обединиме како бизнис, потенцира Азески.

Неговата колешка, Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија, кусо резимираше дека Западен Балкан е регион на договори, можности и способни и вредни луѓе.

-Тоа е доволно да ги зачуваме нашите односи, да научиме како да споделуваме и да си помагаме. Бизнис заедницата е пред битен момент да го заземе вистинскиот правец. Очекувам поддршка од политичките лидери, верувам дека тие ќе ги следат нашите чекори. Се надевам на доверба и соработка без бариери, рече Мукостепа.

Во воведните обраќања, Заев, Вучиќ и Рама најавија нова ера на соработка во регионот – автентична, самостојна иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија во која се добредојдени и повикани и останатите земји од Западен Балкан и пошироко. Политичките лидери рекоа дека ги слушнале барањата на бизнис заедницата и дека прават максимални напори за нивна реализација. Тројцата испратија пораката за обединување на економиите во регионот, олеснување на протокот, елиминирање на бариерите и создавање заеднички пазар.

Back to top button
Close